Регион
Интерконекторот со Грција е во функција, Бугарија сега добива гас од Азербејџан
Проектот за интерконектор е на агендата на ЕУ веќе 10 години. Започна во 2009 година, кога Бугарија беше многу силно погодена од одлуката на Газпром да го прекине протокот на гас низ Украина. Беше потребно долго време за да се постигне целта. Ова го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен, на свеченото отворање на бугарско-грчката гасна врска, преку која Бугарија ќе добива азербејџански гас, јави БГНЕС.
„Навистина е потребна голема желба, страст и волја за еден ваков проект, а денес би сакалa да ви се заблагодарам вам, тимот за интерконектор, и да им се заблагодарам на бугарската и грчката влада што помогнаа да се оствари ова. Потребно е трпение и очигледно е дека го имате. ЕУ го поддржа овој проект од самиот почеток и фактички и финансиски – со близу 250 милиони евра“, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека овој гасовод „ја менува играта“, ја менува ситуацијата и за Бугарија и за енергетската безбедност во Европа.
Во поздравните говори беше заклучено дека овој проект значи ослободување од зависноста од рускиот гас,
Претседателот Румен Радев е домаќин на официјалната церемонија на пуштање во функција на интерконекторот во Софија. Покрај претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, присутни се и претседателите на Азербејџан Илхам Алиев, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис и премиерот на Романија Николае Чука.
„Сигурен сум дека денешниот настан не е само церемонија на отворање на интерконектор. Ова е корисна дискусија која не подготвува за иднината. Се сеќавам на нашите разговори со Мицотакис и за клучната соработка меѓу Бугарија и Грција, која ќе му даде стабилност на регионот. Ова веќе има свој израз, ние го нарекуваме интерконектор“, рече Радев.
„На овој начин ја демонстрираме нашата доверба и нашиот заеднички одговор на нарушените синџири на снабдување и зголемените цени поради војната во Украина. Тоа сериозно и брзо го смени нашиот начин на размислување, затоа многу ја цениме поддршката на нашите соседи кои ни овозможија пристап до нивните национални гасни системи, поддршката на Грција која ни овозможи пристап до Ревитуза“, додаде Радев.
Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис изрази уверување дека гасоводот што ќе носи природен гас од Азербејџан во Бугарија, во комбинација со другите инфраструктурни проекти кои се спроведуваат во моментов ќе придонесе во создавањето кредибилна мрежа за снабдување со природен гас.
Гасната врска меѓу Бугарија и Грција е долга 182 километри, а може да транспортира 3 милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност за зголемување на капацитетот на 5 милијарди кубни метри во следните години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

