Регион
Вучиќ: Ќе се гради интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека енергетската ситуација во Србија е тешка и рече дека земјата купува од Русија две милијарди кубни метри гас, но би било добро да добијат уште една милијарда од другата страна.
Тој ова го кажа во изјава за медиумите по свеченоста за пуштање во употреба на новиот интерконектор меѓу Бугарија и Грција денеска во Софија.
Вучиќ рече дека и е благодарен на Европската комисија за поддршката и најави дека Србија ќе продолжи да работи на диверзификација на гасот.
„За тој проект ќе изградиме интерконектор меѓу нас и Северна Македонија од многу причини, исто така поради можноста за поврзување со ТАП, кој води од Азербејџан до Италија, па да видиме што можеме да добиеме во иднина“ изјави Вучиќ.
Посочи дека се разгледуваат и други енергетски можности и нови гасоводи на територијата на Србија.
Исто така, рече дека државата размислува за нови нафтени линии, бидејќи, како што нагласи, „некои се фалат дека им прават голема услуга со тоа што Србија им плаќа многу пари за транзит на нафта“.
На тој начин, рече Вучиќ, ќе ја диверзифицираме и нафтата за да можеме да го земеме овој извор на енергија од различни извори, не само преку хрватскиот нафтовод, туку и од Албанија, Грција и некои други земји.
Тој нагласи дека овие проекти се од стратешко значење за следната зима и ќе и овозможат на Србија да има малку повеќе гас отколку што има денес.
Вучиќ додаде дека ситуацијата во моментов е многу тешка, нагласувајќи дека побарал земјите од Западен Балкан да добијат одредени пари како компензација за огромните цени што ги плаќаме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

