Свет
Тајван го лансира првиот ТВ-канал на англиски јазик: Приказните за нас треба да се споделат со светот
Тајван денеска го лансира својот прв телевизиски канал за вести, начин на живеење и забава на англиски јазик.
Телевизискиот канал „Тајван плус“, поддржан од владата почна минатата година како претежно онлајн-платформа за стриминг и има силна поддршка од претседателката Цаи Инг-вен, објави „Ројтерс“. Таа на церемонијата на лансирањето рече дека ТВ-каналот веќе го подигнал меѓународниот профил на Тајван и ќе му помогне на островот да воспостави сè поблиски врски со „земјите што ги споделуваат нивните основни вредности на слободата и демократијата“.
„Приказните за Тајван треба да се споделат со светот. Имајќи предвид дека сè повеќе луѓе во светот се заинтересирани за Тајван, поважно е од кога било да имаме платформа да го донесеме Тајван на меѓународната заедница“, рече Цаи.
Министерот за култура, Ли Јунг-те, им рече на новинарите дека Тајван треба да може да се справи со она што Кина го вели за островот и да ја истакне позицијата на Тајван.
„Нашиот глас не се слушна целосно на меѓународно ниво. Кина постојано го промовира ставот дека Тајван е дел од Кина и многу луѓе веруваат во тоа. Им велите дека не е така, а тие прашуваат зошто“, изјави Ли.
Тој додаде дека во иднина ќе ги користат тајванските медиуми за да ѝ објаснат на меѓународната заедница зошто тоа не е така.
Телевизискиот канал во моментот е достапен само на Тајван, но Ли рече дека планираат да почнат со емитување и во САД во следните шест месеци. Тајван веќе има неколку локални медиуми на англиски јазик, од кои најистакнат е „Тајпеј тајмс“, основан 1999 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Потона брод во близина на брегот на Црното Море, се трага по исчезнатите членови на екипажот
Романските спасувачки тимови денеска трагаа по тројца исчезнати членови на екипажот на товарен брод што потона во близина на брегот на Црното Море, соопштија поморските власти.
Информациите кои ги добиле се дека рано утрината дека бродот „Мохамад З“ под знаме на Танзанија потонал на 26 наутички милји од дунавското село Сфанту Џорџ.
Во потрагата и спасувањето биле вклучени Морнаричкиот центар за координација на спасување (МРЦЦ), граничната полиција и два блиски комерцијални брода.
Засега не се познати причините поради кои бродот потонал.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Регион
Во Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми
Сина ајкула долга повеќе од три метри и тешка 200 килограми е уловена во Будва.
Уловите на сина ајкула од минатите години покажуваат дека овој вид ајкула најчесто се среќава во Јадранското Море на пролет.
Рајко Бојановиќ, член на спортскиот риболов клуб „Ширун“, улови ајкула и рече дека ќе биде препарирана во Природонаучниот музеј на Црна Гора, а изложбата е планирана за септември.