Македонија
Министерот Спасовски се сретна со потпретседателот на Европската комисија, Шинас
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржа состанок со потпретседателот на Европската комисија за заштита на нашиот европски начин на живеење, Маргаритис Шинас. На средбата министерот Спасовски изрази задоволство од почнувањето на пристапните преговори со ЕУ како децениска стратешка цел на Северна Македонија и уверување дека процесот ќе обезбеди просперитет и напредок на земјата, а реформите на подолг рок ќе донесат бенефит за граѓаните.
„Мотивирани сме и посветени на имплементирањето на европските вредности во нашето општество, вклучително и во миграцијата. Имаме добра основа, но и политичка волја и капацитет, тоа да го направиме. Чекориме по европскиот пат и израз на нашето заедништво ќе биде и потпишувањето на договорот со Европската гранична и крајбрежна стража. Наведениот договор е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал. Нашата досегашна соработка на ова поле покажа дека кога работиме заедно, можеме успешно заеднички да ги решиме предизвиците“, истакна министерот Спасовски изразувајќи благодарност до ЕУ за континуираната поддршка за зајакнување на капацитетите на граничната полиција преку обезбедување советодавна помош и обуки, како и преку набавка на специјализирана опрема за зајакнување на граничниот надзор.
Министерот Спасовски како особено значајно го истакна присуството за странските полициски службеници од соседните земји и земјите партнери од ЕУ, кои учествуваат во заеднички гранични операции на јужната граница и успешно се справуваат со мигрантските предизвици. Како резултат на тоа во делот на шверцувањето мигранти, во периодот од јануари до јули регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи од 119 % во однос на истиот период лани, а бројот на откриени шверцувани мигранти е зголемен 141 %, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето вакви случаи. Како што нагласи Спасовски, трендовите укажуваат дека регистрираните бројки во областа на илегалната миграција, шверцувањето мигранти и поднесените барања за азил се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но тие немаат значително влијание во однос на националниот систем за управување со миграциите. Сепак, од особена важност, според Спасовски, е поддршката од ЕУ во процесот на потпишување и имплементација на договорите за реадмисија со земјите на потекло во сите фази на враќањето.
„Затоа сакам да истакнам дека Република Северна Македонија и МВР продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт заедно со нашите соседи и земји партнери, а особено со ЕУ и нејзините институции, како наш стратешки партнер, преку интегрираното гранично управување целосно усогласено со европското законодавство. Притоа неопходно е да продолжи соработката во сите споменати сегменти, особено важноста од редовна размена на информации меѓу земјите од регионот и на рутата, како и учество во активностите на ФРОНТЕКС, но и поддршка на сите меѓународни иницијативи што имаат цел да ги зајакнат соработката и безбедноста во регионот вклучувајќи ја и безбедноста на целиот европски континент“, рече Спасовски на средбата со потпретседателот на ЕК, Шинас.
На средбата се потврди посветеноста на Северна Македонија во решавањето на предизвиците со илегалната миграција, чија улога како земја кандидат станува сѐ поклучна во продолжување на бескомпромисната борба со шверцувањето мигранти.
Во таа насока потпретседателот на Европската комисија, Шинас, истакна: „Многу сум му благодарен на министерот за нашата многу продуктивна средба во Скопје. Сè поблиската соработка на Северна Македонија за миграцијата е дел од нејзиниот пат кон ЕУ и договорот за статусот што се потпишува со нашата европска агенција за гранична и крајбрежна стража ќе биде силен доказ за тоа. Одиме напред, треба да продолжиме да работиме заедно на усогласување на визната политика, борбата против шверцот и управувањето со границите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

