Македонија
Обвинетите за убиството на Тот имале гризење на совеста и чувство на вина, сведочеше психијатарот Марцикиќ
Дваесет и еден ден по убиството на ракометарот Денис Тот, сега обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски имале гризење на совеста и чувство на вина. Ова го констатира Александар Марцикиќ, психијатар, кој изработил вешт наод за нив. Тој ги опиша сите обвинети како психички здрави личности, со уредна интелигенција. Сите биле загрижени поради настанот, смртниот исход, реперкусиите, кривичната постапка и притворот. Но, и покрај ова вештачење на докторот, тие на првото рочиште рекоа дека не гледаат вина кај себе за смртта на Тот.
„При прегледот ниту еден од обвинетите не манифестира какви било знаци на пасивна или активна агресивност, како што опишав – кај нив беше актуелна психичката реакција на исходот од настанот и реперкусиите од нив, сите имаа слични манифестации, како гризење на совеста, чувство на вина, видлива вознемиреност поради исходот од случувањето и кривичната постапка против нив, страв или анксиозност од самата постапка и последиците врз нив, пред сè, социјалните последици“, изјави докторот говорејќи за вештиот наод изработен 28.4.2022.
Обвинетата Лефковска е единствената од тројцата што претходно имала психички проблеми и се лекувала. Психијатарот посочи дека пиењето алкохол придонело обвинетата да биде похрабра во своите чекори. Тој опиша дека при пиење алкохол обвинетата е склона кон конфликти и е поарогантна.
Адвокатот Бојан Василевски, бранител на обвинетата, праша: „Кажувате во вештиот наод дека Клементина пиела 2-3 жестоки пијалаци. Дали ако таа била трезна, ќе ги презела истите дејства?“
„За пиењето алкохол, исказите на обвинетата не се поткрепени со други материјални докази, пред сè, мислам на лабораториско иследување на присуство и концентрација на алкохол во крвта. Моето толкување според нејзините искази се описни. Си дозволив да го коментирам овој податок во склоп на обид што пообјективно да ја опишам нејзината психичка реакција при самиот настан. Не можам да претпоставам како би реагирала доколку наводно немала алкохол во себе.
За обвинетиот Андреј Костовски, психијатарот Марцикиќ рече: „Не констатирав патолошка потреба за искривување на вистината. При самиот преглед обвинетиот Костовски немаше знаци на агресивно однесување“.
Прашања за вештото лице имаше првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Го интересира како алкохолот можел да влијае врз неговите постапки, на што вештакот додаде: „Можел да влијае, не можам да кажам како зошто не знаеме колку имал испиено“. Наспроти толкувањето за Лефковска, каде што таа кажала дека испила 2-3 чаши алкохол, а се дава објаснување како влијаел на нејзе, психијатарот Марцикиќ тоа го нема направено за Ѓорѓиевски.
На 7 април пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје обвинетите заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот, тврди скопското Обвинителство. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

