Македонија
(ВИДЕО) Тренчевска: Дневниот центар за деца со попреченост во Липково ја потврдува успешноста на социјалната реформа
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со градоначалникот на општина Липково, Еркан Арифи, го посети специјализираниот центар за дневен престој на деца со попреченост, лоциран во населеното место Оризаре.
По приближно една година од добивањето на дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, во овој современ специјализиран дневен центар на дневно ниво престојуваат 14 деца, а има капацитет од 38 деца со попреченост од повеќе населени места во општината Липково.
Воспоставувањето на оваа социјална услуга и работата на овој дневен центар се дел од проектот за подобрување на социјалните услуги, што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светскта банка.
„Многу ме радува што гледам дека овој центар работи успешно и што навистина имаме неверојатен напредок кај децата што престојуваат овде. Му честитам на целокупниот персонал, кој со својата посветена и стручна работа се грижи и овие деца со попреченост што живеат во помалите населени места да добијат еднакви можности да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Тоа се совпаѓа со заложбите на Владата и на Министерството, како и со основните цели на социјалната реформа, а тоа е да се овозможи пристап до неопходните социјални услуги на сите оние на кои тие им се потребни вклучувајќи ги најранливите групи во општеството, како и оние што живеат во руралните и оддалечените места во државата. Отворањето и успешното функционирање на овој центар е најдобар показател дека социјалната реформа е успешна“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Со центарот управува здружението „Имаго плус“, чии вработени, кои поседуваат лиценци за ваков вид дејност, преку индивидуален пристап обезбедуваат професионален и стручен третман за нега и рехабилитација на секое дете во центарот подготвувајќи ги успешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Услугата што ја добиваат децата во овој центар предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија, која на децата им помага да го зачуваат и унапредат своето здравје и истовремено да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој. Покрај тоа, во овој центар се спроведуваат и стручни советувања и работилници за поддршка на родителите на децата.
Липково беше една од општините, која во партнерство со здружението „Имаго плус“ аплицира на првиот јавен повик и доби средства од проектот за подобрување на социјалните услуги, што овозможи да се воспостави и развие услугата нега за децата со попреченост што живеат на територијата на оваа општина.
„Благодарение на блиската соработка со Министерството за труд и социјална политика и ‘Имаго плус’ успеавме, по повеќе од десет години, да го завршиме и активираме овој центар, со што и децата со попреченост од нашата општина почнаа да добиваат современ третман и неопходна грижа, која секако ја заслужуваат. И покрај ограничените финансиски средства што ги имаме како рурална општина, а кои во услови на енергетска криза сè повеќе се намалуваат, ние и понатаму на секаков можен начин ќе го помагаме овој центар овозможувајќи на тој начин негово непречено и успешно функционирање во полза на децата“, рече градоначалникот на иопштина Липково, Еркан Арифи.
Здружението „Имаго плус“, кое управува со дневниот центар во Оризаре, има повеќегодишно искуство во работата со деца со попреченост. Од неодамна овој центар ги исполни неопходните услови, со што финансирањето на социјалните услуги, кое досега се реализира преку проектот, во иднина ќе продолжи да се реализира преку системот за централно финансирање од државниот буџет.
„Задоволни сме што како тим, преку стручен и професионален пристап и со поддршката што ја добиваме од надлежните институции на централно и локално ниво, уште во првата година од работата на центарот создадовме соодветни услови и можности за децата со попреченост од населените места во општина Липково. Досегашните резултати во работата, како и влегувањето во системот на централно финансирање од буџетот, дополнително нè охрабруваат да продолжиме да се развиваме и понатаму, со цел да им ја овозможиме најдобрата грижа и поддршка на децата“, истакна Земријет Бела Весели, претседателка на „Имаго плус“.
За негата, третманот и за секојдневните активности на децата што престојуваат во дневниот центар се грижи стручен тим составен од пет специјалисти, и тоа: рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.
„За нас како луѓе што својот професионален живот го посветиле да им помогнат на оние на кои тоа им е најнеопходно, а посебно на децата со попреченост, претставува огромна сатисфакција кога ги гледаме плодовите од нашата работа. Среќни сме од досегашниот напредок што го постигнавме во работата со децата што престојуваат во нашиот дневен центар и веруваме дека она што ќе го постигнеме овде заеднички ќе им помогне на децата да имаат успешен личен и професионален развој и квалитетен живот понатаму“, објаснува координаторката на дневниот центар, Аринета Нухија.
Во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги, што е еден од инструментите за поддршка на социјалната реформа, која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега се поддржани 22 проекта во 27 општини во земјата. Најголем дел од овие проекти е наменети за помош и нега на стари лица во нивните домови, а преостанатиот дел е за услугите: дневен престој за стари лица со активно стареење, дневен престој за деца со попреченост и рехабилитација, како и дневен престој, рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост и советување. За давање на овие социјални услуги, досега се обучени и лиценцирани над 300 лица, кои обезбедуваат соодветна грижа за речиси 700 корисници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

