Спорт
Реакција на Брегалница: До кога судиите ќе грешат, а клубовите ќе страдаат?
Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија, во својата денешна анализа, го потврди сето тоа што беше очигледно за сите присутни на Градскиот стадион во Штип на натпреварот од 9. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Брегалница и Работнички. Брегалница со судиските грешки на главниот судија Александар Грујоски од Кичево и неговите помошници, значително е оштетена на натпреварот со Работнички кој, на крај заврши со победа а почна со неправедно досуден непостоечки пенал за гостите.
„ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА И СОРАБОТКА НА ГЛАВНИОТ И ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА СО ДОСУДУВАЊЕ УДАР ОД 11 МЕТРИ. Центрирана топка во шеснаесетникот на домаќините, играч од нападот на гостите со глава ја удри топката кон голот на домаќините, удрената топка од напаѓачот удира во главата на одбранбениот играч од домаќините и се одбива во рака на соиграч која е во природна положба. Погрешна одлука на главниот судија што досуди удар од 11 метри. Во оваа ситуација вториот помошен судија му дава на главниот судија погрешна информација, т.е. да се досуди удар од 11 метри за игра со рака“ – се вели во оценката од Судиската комисија на ФФМ.
Но, вистинското прашање е што добива Брегалница, па и македонскиот фудбал, со постојаното признавање на судиските грешки од страна на ФФМ!? Што добива клубот со признанието дека во саботата беше досуден непостоечки пенал при резултат 0-0, кој значително го промени текот на натпреварот, и на крајот крајниот исход!?
ФК Брегалница, како клуб, изминативе две сезони во прволигашкото натпреваруње, па и претходно, како последна своја опција ја практикува прозивката на судиите и нивните грешки, затоа што знаеме дека сето тоа е дел од фудбалската игра. Но, се поочигледните и позачестени грешки на штета на клубот, неизбежно ја наметнуваат дебатата за тенденциозност на истите во ситуација во која е очигледен неизрамнетиот критериум на судиите.
Оваа сезона Брегалница, во само девет одиграни кола, е оштетена во неколку наврати, па некако се наметнува констатацијата дека не само што игра против противниците на терен, туку мора постојано да игра и против судиите кои и од саботниот натпревар со Работнички е јасно дека немаат воопшто ист критериум кога се суди за и против Брегалница.
Очигледно е дека судењето е најслабата „алка“ во моментов во македонскиот фудбал. А, судењето е и тоа како важен елемент од играта во желбата за напредок на клупскиот фудбал. Секое натпреварувачко коло од ФФМ ги потврдуваат судиските грешки, и повторно, без решение за истите, само со постојано едноставно оправдување дека „секој жив човек греши“.
А, притоа никој не сака да го наметне прашањето што тие грешки значат за клубовите и македонски фудбал. Кој ќе ги оправда инвестициите во фудбалот од и онака се помалиот број домашни стопанственици желни за вложување во најважната споредна работа во светот!? Се прашува ли некој што значи ваквиот однос кон клубовите кои вложуваат во фудбалот? Сака ли некој конечно да се стави точка на сето ова? Затоа што јасно е дека фудбалот не се игра за судиите кои секое коло се во центарот на вниманието, туку за играчите и публиката.
До каде ќе оди македонскиот фудбал на овој начин? До кога судиите ќе грешат а клубовите ќе страдаат!?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Во Тајланд му се заблагодарија на српскиот напаѓач, тој одговори: „Пу..те ми го к..ов“
Во Тајланд, му се заблагодарија на поранешниот играч на Партизан, Немања Николиќ (33), а тој одговори во коментарите со навредлива порака: „Пу..те ми го к..ов“.
Тајландскиот клуб Бурирам Јунајтед објави проштална објава на социјалните мрежи за својот поранешен напаѓач, со зборови на благодарност за неговата посветеност и професионализам и желби за успех во неговата идна кариера, со слоганот „Еднаш син, секогаш син“.
Сепак, тоа дополнително го налути фудбалерот. Николиќ, кој се пресели во Бурирам ова лето, но не дебитираше, не одигра ниту една секунда поради ограничувањата за странци во лигата,.
По некое време, клубот го избриша коментарот, кој собра околу 2.800 лајкови, но навивачите продолжија да го навредуваат Бурирам.
Николиќ помина само два и пол месеци во Бурирам пред да го раскине договорот, по што се врати во Србија и тренираше со Чукарички, а сега се шпекулира за негов трансфер во Будуќност Подгорица.
Според „Трансфермаркт“, Николиќ вреди 500 илјади евра.
Спорт
Јунајтед понудиле 90 милиони евра за Диоманде
Манчестер Јунајтед, наводно доставил официјална понуда од 90 милиони евра за крилниот напаѓач на РБ Лајпциг, Јан Диоманде, во обид да го засили тимот за време на јануарскиот преоден рок.
Овој потег дојде откако градските ривали Манчестер Сити беа побрзи и успеаја да го донесат Антоан Семењо од Борнмут.
Клубот од „Олд Трафорд“ доживува турбулентна сезона. И покрај тоа што потроши повеќе од 230 милиони евра за играчи ова лето за да го поддржи тогашниот тренер Рубен Аморим, Португалецот беше отпуштен минатиот понеделник. Тимот продолжи со променливи резултати и постигна само осум победи во 20 натпревари од првенството.
Фабрицио Романо потврди минатата недела дека Диоманде е на листата на желби на Манчестер Јунајтед, но нагласи дека Лајпциг не сака да го пушти среде сезоната. Тој додаде дека Јунајтед не е единствениот заинтересиран клуб, туку дека и ПСЖ го сака. Се споменува и интересот на Ливерпул.
Крилниот напаѓач, член на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, постигна седум гола и асистираше за четири од нив во 16 натпревари за својот тим оваа сезона.
Тој има договор до летото 2030 година, а „Трансфермаркт“ го проценува на 45 милиони евра.
Спорт
Де Брујне би можел да го напушти Наполи
Иако пристигна во Наполи во јуни минатата година, белгискиот играч од средниот ред Кевин Де Брујне (34) би можел да го напушти Неапол, до крајот на актуелниот преоден рок.
Според италијанските медиуми, Саудијците веќе некое време го „ловат“ Белгиецот, а се шпекулира дека Наполи е подготвен да ги разгледа сите потенцијални понуди од Саудиската професионална лига.
Де Брујне беше опериран во октомври и не се очекува да се врати на теренот до март 2026 година.
Негов приоритет е целосно да се опорави на време за Светското првенство, кое се одржува во САД, Мексико и Канада ова лето, и би одговарало на малку послабо темпо од Серија А.
Поранешната ѕвезда на Манчестер Сити се пресели во Наполи во слободен трансфер минатото лето. Тој постигна четири гола и запиша две асистенции на 11 натпревари во сите натпреварувања пред да заработи сериозна повреда на бутниот мускул октомври.
За време на својата кариера играше и за Генк, Челзи, Вердер и Волфсбург. Тој одигра 115 натпревари за Белгија и постигна 36 гола.
За потсетување, Белгија ќе игра во групата Г на Светското првенство заедно со репрезентациите на Египет, Иран и Нов Зеланд.
Foto/ depositphotos

