Македонија
Ковачевски со раководството на Синдикатот на УКИМ – во фокусот зголемувањето на платите
Премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири, денеска се сретнаа со раководството на Синдикатот на УКИМ.
Тема на состанокот беше барањето на Синдикатот на УКИМ за зголемување на платите на професорите и потпишување посебен колективен договор за УКИМ независно од веќе постојниот колективен договор со СОНК потпишан минатата година.
На состанокот од страна на премиерот и на министрите беше истакнато дека навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но и дека мора да ги имаме и предвид состојбите во државата во услови на економска криза.
Исто така, беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени вкупно 20 %, односно 5 % од септември 2019 година, 8 % од септември 2021 година и 7 % од септември годинава. Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детаљни анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и в година, но и беше побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високообразовните установи.
Владата, освен што работи на зголемување на платите во образованието, работи и на унапредување на научноистражувачките проекти за јавните научни установи, но и за набавка на опрема за лаборатории, акредитација на лаборатории за научноистражувачка дејност, информираат од владиниот кабинет.
Дополнително, ги вративме и воведовме нови стипендии за постдипломски и докторантски студии во државата. Со оваа политика на стипендирање ги поттикнуваме успешните студенти да се надградуваат и да се занимаваат со научноистражувачка работа, но и да останат во државата како кадар на универзитетите и институтите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

