Македонија
Ќе се формира совет за унапредување на образованието и науката
Министерството за образование и наука во согласност со направените сеопфатни анализи за состојбите во основното, средното и високото образование и наука, ученичкиот и студентскиот стандард и обезбедувањето учебници во Република Северна Македонија, а во насока на градење јавни и транспарентни политики во образованието, со поддршка од Владата донесе одлука за формирање совет за унапредување на образованието и науката.
Со работата на советот ќе претседава претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, координација на економските ресори и инвестиции и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.
МОН соопшти дека ќе ги вклучи претставниците од стратешките партнери на Министерството.
„Во активностите на советот ќе учествуваат Сојузот на средношколците, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуација на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасните.
Со оваа одлука МОН ќе креира политики што ќе се базираат на информациите за моментната функционалност на системот на национално ниво, како и на меѓународните истражувања за факторите што придонесуваат за ефективна настава и учење“, додава МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ќе поднесе интерпелација за антикорупционерката Цвета Ристовска
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави интерпелација за членката на Антикорупциската комисија (ДКСК), Цвета Ристовска. Интерпелацијата, како што велат од Левица, доаѓа по скандалите коишто деновиве ги изнесе на виделина партијата, но и низата скандали коишто ја пратат Ристовска веќе месеци наназад.
„Не знаеме кој по ред скандал е ова со членката на ДКСК, Цвета Ристовска“, рече Крмов и образложи дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функција, не биле пријавени две фирми на нејзините деца, Буcт ДООЕЛ и Буcт Медиа ДООЕЛ. Според Крмов токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранеше Ристовска дека наводно законот не ја обврзува бидејќи не живеела со децата“, рече Крмов и посочи дека ваквото објаснување е контрадикторно, бидејќи во анкетниот лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите што создава сомнеж дека токму тие биле свесно изоставени.
„Значи, или Ристовска не го познава законот или, децата фактички со неа. Таа е обврзана, но свесно ја испуштила таа фирма затоа што имаме директно конфликт на интереси, каде најголемата политичка партија, којашто е моментално на власт, фактички добила тендер за изборите“, кажа пратеникот.
Крмов потсети дека има и редица други примери во кои не се реагира или се заташкуваат на случаи на функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓу нив посочи на случајот со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, а претходно „Сити Логистик“, основана од таткото на Томовски, која добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра, а случајот, како што рече, е заташкан. Исто така, потсети и на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и сомнежите за неговата фалсификувана диплома и непоседување на невалиден ТОЕФЛ сертификат.
„Убаво го паметиме случајот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што излезе дека Ристовска била предавач на истиот факултет, на истиот приватен универзитет каде што тој наводно заврши, бидејќи имаше анонимна пријава дека му е фалсификувана. Прво беше дека не била предавач, па после била предавач, па после од истиот универзитет нејзината слика беше отстранувана, па потоа сликата беше враќана, па предметот за Христовски падна кај неа. Некако интересно е како предметите на високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат баш кај Цвета Ристовска“, истакна Крмов.
Од Левица најавуваат дека интерпелација е веќе подготвена и ќе биде поднесена во наредните денови, со цел да се отвори институционална одговорност за работата на членката на Антикорупциската комисија и да се спречи натамошна партизација и селективна правда.
Македонија
Василевска и Вајц во Скопје: Дијалог за реформите и европската перспектива на земјата
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ и ЕУ, Иванка Василевска се сретна со известителот на Европскиот парламент за нашата држава, Томас Вајц, кој престојува во работна посета на Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби и динамиката на спроведување на реформската агенда, во контекст на европската интеграција. Во текот на разговорите беше даден осврт на клучните реформски приоритети, како и можностите за дополнително унапредување на реформските процеси во наредниот период.
Известителот на Европскиот парламент информираше за тековните и претстојните активности во рамки на подготовката на извештајот за земјата, вклучително и фазите на собирање информации, како и постапката за разгледување и усвојување на извештајот во надлежните тела на Европскиот парламент.
На средбата беше истакната важноста од одржување на континуиран дијалог и соработка со европските институции имајќи ја предвид европската перспектива на земјата.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.

