Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали компанија од соларниот картел на Ковачевски со државна помош гради фабрика за панели што потоа ќе ги продава на ФЕЦ „Осломеј“
Дезертерот Ковачевски може да бега од одговори, може да се прави недоветен, може да се крие зад кумот, ама аферата „Броило“ го разоткри соларниот картел што го создал околу себе, тежок над 26 милиони евра, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Постои основано сомнение дека преку трговија со влијание обезбедувани се милионски бизниси притоа злоупотребувајќи државни позиции и функции.
Фирмата што ја основал Ковачевски, „Пиксел груп“, заедно со една бугарска компанија основал фирма „АЕ солар“ АД Тетово за производство на фотоволтаични панели во ТИРЗ „Тетово“. Сето ова се случува откако Ковачевски е премиер. Симптоматично, и бугарската компанија партнер исто така е формирана откако Ковачевски станува премиер.
Оваа новопечена, ќе ја наречеме бугарско-ковачевска инвестиција, според информациите од медиумите, треба да добие државна помош, што би било судир на интереси бидејќи Владата предводена од Ковачевски ќе даде помош на бизнис во кој удел има компанија основана од Ковачевски, а водена од неговиот кум.
Да биде матната зделка целосна, постои основан сомнеж дека оваа компанија од Тетово, која е дел од соларниот картел поврзан со Ковачевски, треба да произведува и продава фотоволтаици за ФЕЦ „Осломеј“, во која државата има удел, велат од партијата.
Како што додаваат, тоа е броилото што брои милиони евра на контото на соларниот картел на Ковачевски, додека народот и стопанството тонат кон банкрот.
„Дезертерот Ковачевски треба да каже дали и колку државна помош треба да добие компанијата ‘АЕ солар“ од Тетово, која е дел од овој соларен картел? Дали и колку од произведените панели треба да ги продаде на ФЕЦ ‘Осломеј’, во кој државата има удел? И на крајот, да каже каде и колку тој лично влијаел ваквата бизнис-шема да се развива и БРОИЛОТО да врти милиони?“,прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачуваат дека ќе следуваат и други детали за оваа афера „Броило“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

