Култура
Изложба на Музејот на современата уметност – Скопје во Кунстхале, Виена
Во почетокот на следната година во престижниот простор Кунстхале (кој е дел од Музеум квартиер), еден од најголемите европски културни центри во срцето на Виена, на 1.000 квадратни метри ќе биде претставена првпат селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ – Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје, вели организаторот.
Уметниците што веќе избираат дела од колекцијата на МСУ – Скопје со кои ќе воспостават дијалог помеѓу делата и нивната работа се: Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (Р. С. Македонија), Христина Ивановска (Р. С. Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција). Уметницата што создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија) и уметницата што прави патопис низ градот и музејот е Барби Марковиќ (Србија).
Досега во посета на Скопје и МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе почнаа со фотографирање и избор на дела од уметничката колекција на Музејот. Присуството на Брук Ендру и Иман Иса во МСУ – Скопје, покрај нивните обврски врзани со претстојната изложба, МСУ го искористи да одржат и Artist talk за поширока публика. За време на својот престој во МСУ, Синиша Илиќ ја истражуваше колекцијата и правеше избор на дела, а Барби Марковиќ во своите истражувања за Музејот и за Скопје собираше информации, кои понатаму ќе ѝ послужат за креирање пишани текстови поврзани за изложбата. Неодамна во посета на МСУ беше и Елфи Семотан, една од најреспектибилните и најпознати фотографки на денешницата, која направи фотографии од нашиот музеј и од неколку клучни локации на Скопје.
Уметничката директорка на „Кунстхале Виена“, Сабина Саболовиќ, веќе двапати беше во работна посета во Музејот на современата уметност – Скопје, каде што заедно со директорката на Музејот, Мира Гаќина, и дел од кураторскиот тим работеа на подготовки за овој голем проект. Неодамна, пак, директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори беше во возвратна работна посета на музејот „Кунстхале“, каде што со тамошниот стручен тим го разгледаа просторот во кој ќе бидат поставени делата од уметничката колекција на МСУ.
„Во Кунстхале имавме неколку работни средби на кои разговаравме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде што почнаа да ја прават селекцијата за тоа кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени в година во Кунстхале. Она на што работиме сега е да видиме и каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи во Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе ѝ биде претставено и на нашата публика по завршувањето на изложбата во Кунстхале во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа и реакција кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот „Шчо делат“, Танија Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес“, вели Гаќина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

