Свет
Зеленски го повика НАТО: Покажете дека не се плашите од Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју објавено денеска го повика НАТО „да покаже дека не се плаши од Русија“.
Зеленски го изјави ова како одговор на прашањето дали добил некаков одговор од Северноатлантскиот договор за барањето за членство, односно кога очекува одговор на НАТО на барањето на Украина.
„Мојата клучна порака до НАТО е – не треба да се плашите од никого“, рече тој.
Зеленски истакна дека „важно е да се договорат безбедносни гаранции за целиот свет, така што никој не ни помислува да стане автократ, па дури и да е автократ, да не ни помисли дека може да освои туѓи територии“.
„НАТО не е толку силен во Источна Европа без Украина“.
„За тоа е потребно единство. Мислам дека без Украина, алијансата не е толку силна, особено не на европскиот континент. Мислам дека (влезот на Украина во НАТО) е важен чекор за силата на алијансата во Источна Европа. На НАТО му ја нудиме таа шанса и благодарни сме му за неговата поддршка“, рече Зеленски и го повика НАТО „да покаже решителност“.
„Не само Украина мора да ја покаже својата сила на Русија, туку и НАТО мора да го направи тоа, мора да покаже дека не се плаши од Русија. Знам дека сите разбираат оти безбедносните гаранции се нешто што ѝ треба на Украина. Мислам дека сме на тој пат, ние, дефинитивно, сакаме да одиме на тој начин. За жал, колку бргу ќе оди не зависи само од Украина“, рече тој, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет санкции против Русија во среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“, повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет санкции „веќе не се очекува во среда“, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за „намалување на нивната зависност од руската нафта“, објавува Танјуг.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантската алијанса дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „Tајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „Еурофајтер Тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор, откако Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникot британскиот премиер Кир Стармер.
Во наредните денови, овие авиони ќе им се придружат на француските „Рафали“, германските „Еурофајтер“ и данските Ф-16, како дел од операцијата на НАТО „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер, обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на Алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, додека Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според Ројтерс, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник, Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат околу 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија, оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец, Полска ги започна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат околу 30.000 војници, вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер кој може да разговара со Русија, Украина и Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е „единствениот лидер во светот“ кој има капацитет да разговара со Украина и Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на различни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и спорни прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин