Македонија
Преговорите на Mакедонија со ЕУ се реалност, останете цврсто на европскиот пат, порача европратеничката Јовева
Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева, преку видеообраќањето испрати порака со која го честита отворањето на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и дава поддршка за евроинтегративниот процес на земјата.
„Важно е да останете цврсто на европскиот пат и македонските граѓани да знаат дека европската интеграција на земјата е реалност, која е остварлива со заедничка посветеност на процесот на преговори и работа на реформската агенда“, вели Јовева во обраќањето додавајќи дека преговорите со Европската Унија се отворени и веќе имаме почнато нова фаза во евроинтеграциите, која бара силен ангажман и политичка волја за брзо и ефикасно спроведување на реформите.
Јовева вели дека Северна Македонија има сојузници и многу пријатели во ЕУ и дека сите напори вредат оти европската перспектива на Северна Македонија е реална и покрај тешките одлуки поради што на граѓаните им е тешко да поверуваат дека се оди напред.
„Северна Македонија има навистина многу сојузници, многу пријатели тука во ЕУ, а што е најбитно, има соработка помеѓу нас. За поделби, национални, па и партиски, тука место нема. А дали за Северна Македонија во ЕУ има место – има“, порача Јовева.
Европратеничката е дел од Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, кој во изминатите два дена заседаваше, а свое обраќање имаше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Во продолжение интегрален текст од видеообраќањето на Јовева.
„Драги пријатели во Северна Македонија,
После 17 години чекање, успеавте да направите историски чекор не само за вашата држава туку и за целиот регион и Европа. Преговорите со Европската Унија ги отворивте, со што започнавте нова фаза во евроинтеграциите. Фаза која бара силен ангажман и политичка волја за брзо и ефикасно спроведување на реформите. А тоа несомнено го имате и ќе успеете во исполнувањето на вашата стратешка цел доколку сите заеднички работите на нејзино реализирање.
Започнавте со скрининг процесот, а со тоа односите помеѓу Северна Македонија и европските институции добиваат друга динамика и димензија. Имате партнери на патот кон ЕУ. Имате капацитет и сте на добар пат да ги капитализирате вашите досегашни заложби и напори во евроинтегративниот процес и да станете успешна европска приказна.
Со наша поддршка, од вашите европски пријатели, ќе успеете да ги надминете предизвиците со кои ќе се соочите во текот на преговори. Бидете уверени дека вреди да се направи трансформацијата на општеството заради конкретните придобивки кои ќе ги имаат граѓаните.
Важно е да останете цврсто на европскиот пат и македонските граѓани да знаат дека европската интеграција на земјата е реалност, која е остварлива со заедничка посветеност на процесот на преговори и работа на реформската агенда.
Сега не е време за бариери. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да поставите добро темпо на водење на преговорите, за реализација на поставената цел – Северна Македонија членка на ЕУ до 2030.
Да ви кажам уште еднаш, сите напори вредат, перспективата е реална и покрај тешките одлуки. Знам и дека затоа е тешко да се поверува дека се оди напред, ама се оди. Северна Македонија има стварно многу сојузници многу пријатели тука во ЕУ, а што е најбитно соработка помеѓу нас. За поделби национални па и партиски тука место нема. А дали за Северна Македонија во ЕУ има место – има! Среќно и успешно во преговорите со Европската Унија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

