Македонија
Нуредини: Интензивни разговори за предизвиците од глобалната енергетска криза
Во рамки на престојот во Истанбул и учеството на Регионалната конферeнција за перспективите за чиста енергија, министерот Нуредини оствари интензивни билатерални средби чиј фокус беше на предизвиците од глобалната енергетска криза, можностите за надминување и ориентираност кон чисти енергии, информираат од неговиот кабинет.
На средбата со Метју Балдвин заменик-генерален директор од Генералниот директорат за енергија на ЕУ двете страни ги презентираа активностите што се преземаат за справување со енергетската криза, како и можностите за олеснување на финансискиот товар од високите сметки на струјата врз крајните корисници – стопанствениците и индивидуалните домаќинства, преку субвенции од страна на централниот буџет. Се разговараше и за можностите за помош од страна на ЕУ во обезбедување гас од различни извори, особено за градот Скопје. При тоа, интерконекторот со Грција е оценет како мошне важен не само за нашата држава, туку и за целиот регион. Министерот Нуредни и заменик-генералниот директор Балдвин се согласија дека постои зголемен интерес на инвеститори кон обновливи извори.
Министерот Нуредини оствари средба со Алпарслан Бајрактар заменик-министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, на која посебен беше акцент ставен на можноста за поддршка на Турција како држава транзитор на гас за Европскиот континент во обезбедување гас и за РСМ во случај на потреба.
Со Гжегож Зиелински, директор на ЕБРД, раководител на енергетска Европа, Нуредни разговараше за тековните проекти што се реализираат во државата со поддршка на Европската банка за обнова и развој како и за идни можни соработки.
Конструктивни разговори за начините на управување со енергетската криза и надминувањето на предизвиците преку подобрена регионална соработка Нуредини водеше и со Џорџ Сергиу Никулеску, државен секретар во Министерство за енергетика на Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Техничката влада мора да остане, велат од СДСМ
Техничката влада мора да остане. Таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори, велат од СДСМ.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата, со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, велат од партијата.
Од СДСМ, исто така, велат дека случајот со ИПАРД 3 и апсењето на директор кој е поставен од ВМРО е уште една причина зошто мора да има техничка влада.
„Легализацијата на масовен надзор со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните а за тоа се уште нема контролни механизми ниту заштита од злоупотреби. Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата“, велат од СДСМ.
На Мицкоски и на ВМРО им се брза со предремени избори и мигранти за пари, додаваат од опозицијата, но факт е дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт.
„Во вакви услови укинувањето на техничката влада би значело директен удар врз демократијата и загрозување на волјата на граѓаните. Техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните“, веалт од партијата.
Македонија
Пратениците за една година потрошиле 14,3 милиони за патни трошоци, објави Левица
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со „недостаток на средства“, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ кој јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети – за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, велат од Левица.
„Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на цела зима, да се субвенционираат градинките за коишто градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи“, велат од партијата.
Според Левица, апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира.
„Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да можат да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левица за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство, оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот. Но, додека за студентските билети и за безбедниот кров над глава на жртвите на насилство „нема пари“, за пратеничките кирии од по 400 ЕУР месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници кои истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви кои поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци. Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека Левица останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација, ниту пак за кирии.
„Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена – прво преку буџетот што се троши за туѓ комфор, и второ преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна“, велат од партијата.
Македонија
Герасимовски: 15 милиони денари за поквалитетен и активен живот на пензионерите во Центар
Градоначалникот Горан Герасимовски на средба со Здружението на пензионери на Општина Центар информираше за проектите и програмските активности за унапредување на животот на повозрасните граѓани во локалната самоуправа во 2026 година
„Во Буџетот за тековната година се обезбедени 15.000.000 денари за активности и проекти наменети за нашите жители од трето доба. Целта е да им обезбедиме поздрав и поквалитетн живот, повеќе социјализација и континуирана грижа”, истакна Герасимовски.
Во проектите наменети за пензионерите се опфатени: Сервис за стари лица, Итно копче (24/7 медицинска поддршка), Бесплатен превоз до здравствени установи, Сезонски екскурзии во сите годишни времиња , настанот „Носталгија за корзо- сеќавање на едно убаво време“, Пензионерски спортски игри 2026 , Застапеност на предметот домаќинство во образованиот процес во соработка со пензионерите, како и подршка за пензионерите во социјален ризик.
На состанокот, претставниците на центарското пензионерско здружение го поздравија ангажманот на општината и ја потврдија својата вклученост во дел од активностите планирани за годинава.
Според статистиката, околу 20 проценти од населението во Општина Центар се на возраст над 60 години, што ја потврдува потребата од овие мерки со кои се промовира витална и активна старост на повозрасните жители во локалната самоуправа, велат од Општината.

