Свет
Колерата им се заканува на милиони на Блискиот Исток, здравствените системи во Сирија и Либан се пред колапс
Здравствените системи во Сирија и Либан би можеле да пропаднат под притисокот на епидемијата на колера која се шири во регионот на Блискиот Исток.
Во последните недели Обединетите нации регистрираа повеќе од 13.000 сомнителни случаи во Сирија и тоа е прва епидемија на колера во таа земја по повеќе од десет години, пишува „Индепендент“.
Во Сирија колерата веќе однесе 60 животи, објави Светската здравствена организација, но се стравува дека бројот на жртви ќе биде поголем поради ограничените капацитети за тестирање. Се стравува дека ризикот од заразување со колера, која се шири преку контаминирана храна или вода, им се заканува на милиони луѓе во регионот. Ако болеста не се лекува, може да биде фатална.
Колера досега е откриена во 13 од 14 сириски провинции, а во последните недели се прошири и пред границата, во соседен Либан, каде се потврдени 14 случаи, а се сомничат уште десетици.
Хуманитарните организации предупредуваат дека болеста може да се прошири во регионот на Блискиот Исток, а здравствените системи во Сирија и Либан се пред колапс поради акутната економска криза и конфликт.
Во Либан, кој ја доживува една од најтешките економски кризи, има чести прекини на струја, недостиг на вода и недостиг на лекови. Се проценува дека три четвртини од населението во Либан живеат под прагот на сиромаштија.
Либанските здравствени власти потврдија десетина случаи на колера, што е прв случај на колера во земјата по 30 години. Првиот случај е регистриран во заедницата на сириски бегалци во Либан.
Во исто време, околу 700 деца со симптоми на дијареа се хоспитализирани во провинција на северот на Ирак, јавуваат ирачките медиуми, а се стравува дека причината би можела да биде колера, иако случаите сè уште не се потврдени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

