Економија
Димитриеска-Кочоска: Мерките на Владата не нудат решение за клучните проблеми, ВМРО-ДПМНЕ предлага 5 конкретни мерки

Владата несериозно пристапува кон кризата. Тоа се гледа од пакетот на мерки кои ги предлага, кои се обичен маркетиншки трик и не нудат реално и одржливо решение за клучните проблеми кои ги има државата. Овие мерки не нудат излез од енергетската криза која веќе преминува во финансиска и социјална криза. Овој пакет мерки не нуди решенија за инфлацијата, ниту, пак, за енергетската криза и како да се помогне на фирмите, кои имаат веќе исцрпена ликвидност. Овие мерки се само популистички мерки со кои се купува привиден мир за секој еден месец. Мал е износот на средства за мерките кои се насочени кон најранливите категории граѓани, односно вкупно 20,2 милиони евра. Но, овие мерки во вид на финансиска помош доаѓаат по високиот ценовен удар и силното осиромашување на населението заради неспособната, неподготвена и несериозна Влада која ни ја води економијата и државата, вели Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, груба манипулација е дека новиот пакет на мерки тежи 360 милиони евра. „Исто како што немаа срам и манипулираа кога велеа дека даваат една милијарда помош за граѓаните и стопанството за време на ковид-кризата, така и сега. Но, Државниот завод за ревизија за 2020 и за 2021 година направи ревизија на помошта и кажа дека таа била многу пати помала односно само 430 милиони евра, а истата во голем дел не завршила за мерки за ковид. Така и овој пат гласно кажуваат дека пакетот мерки чини 360 милиони евра, а вистината е дека е тежок едвај 30 милиони евра“.
Прашува, која е целта што како дел од пакетот мерки беа понудени мерки кои се регуларни, зарем не чувствуваат ни малку срам кога излегоа и кажаа дека повратот на ДДВ е понудена мерка и тоа во износ од 160 милиони евра? Кредитот што го земаат за поддршка на криминалите во ЕСМ во износ од 100 милиони евра го бројат како помош? Значи помош има за покривање криминал, но нема помош за помош на граѓаните и стопанството.
„ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и државотворна партија ги става државните пред партиските интереси, не ја користиме кризата како поле за политичка пресметка, туку понудивме многу решенија со цел побезболно да ја поминеме истата“, додава таа.
Партијата според неа, предлага пет конкретни итни мерки кои треба да им помогнат на фирмите:
1. „Предлагаме вишоците на струја кои ги произведува АД ЕСМ, а кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за АД ЕСМ. Притоа под итно да се направат сите законски измени со цел компаниите да можат да ја користат оваа поволност во најкус можен рок. Ова ќе им овозможи на фирмите поевтина електрична енергија, и флексибилност во реорганизација на производниот процес.
2. Секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на струјата на регулираниот пазар на електрична енергија, односно која ќе плати над 200 евра за еден MWh електрична енергија, половина да го плати државата. Ова ќе им овозможи на фирмите намалување на трошокот за електрична енергија, со што, како и претходната мерка ќе се намали притисокот врз финалните цени, односно на овој начин ќе се спречи понатамошно подгревање на инфлацијата.
3. Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, со цел поевтини производи за граѓаните. Ова ќе им овозможи на граѓаните да можат во текот на месецот да набавуваат поевтини основни прехранбени производи, да направат набавки за нареден период со цел да можат да го преживеат месецот. Оваа мерка треба да има подолг период на примена, сè додека не се стабилизира инфлацијата кај основните прехранбени производи.
4. Интервенција во Законот за личен доход, преку предлог на измена во Законот за личен доход со кој и понатаму ќе останеме со низок и рамен данок. Ова ќе овозможи на примателите на личен доход по сите основи, повисок доход во услови кога истиот се намалува и на фирмите помал трошок.
5. Дестерилизирање на благајничките записи во Народната банка со цел повеќе средства кај стопанството преку банките. Во услови кога растот на паричната маса во економијата значајно забавува, како што не бил од 2009 година наваму, во услови кога компаниите имаат сериозни проблеми со ликвидноста, не треба централната банка да врши стерилизација на ликвидноста. Прегреаноста на економијата беше поради недисциплинираната фискална политика, несоодветните мерки за ковид-ризата и ниските камати кои ја подгреваа личната потрошувачка“.
Очекуваме, дополни таа, Владата и Ковачевски сериозно да ги земат предвид овие мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.