Македонија
Грковска: Стручните ИТ-кадри ќе бидат носители на дигиталната трансформација на општеството

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше состанок со претставници од факултетите од областа на информатичко-комуникациските технологии во земјава, со кои разговараше за предизвиците во процесот на дигитална трансформација на општеството.
Вицепремиерката Грковска оцени дека кадарот што произлегува од овие факултети ќе биде клучен носител на овој процес и затоа е важно овие факултети активно да бидат вклучени во креирањето на решенијата за дигитализацијата.
За таа цел, објасни таа, формиран е и Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, каде меѓу другите надлежни институции има и претставници од овие факултети. Грковска нагласи дека на тој Совет ќе разговара за сите отворени прашања, вклучително и потребата за централизација и стандардизација на системите на сите институции.
На состанокот беше отворено и прашањето за одливот на кадри и за начините за задржување на информатичарите во земјата, како и за пронаоѓање модел кој ќе обезбеди нивно задржување во јавниот сектор, а притоа нивниот труд да биде соодветно вреднуван.
На состанокот со претставниците од четирите факултети за информатички науки во земјава, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за информатички и комуникациски технологии, Универзитет „Свети Климент Охридски“ – Битола и Факултет за компјутерска техника и информатика од „Американ Колеџ“ – Скопје беше презентирана можноста, преку соработка со приватни компании, студентите да посетуваат бесплатна едукативна програма наменета за образовните институции од сите степени, со цел развој на вештини, знаење, иновации во информатиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода и Карпош

Без струја денеска ќе бидат делови од општините Кисела Вода и Карпош, информира Центарот за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека на ден 06.08.2025 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Таки Хрисик, ул. Тони Богдановски, ул. Борис Трајковски крак 7 и ул. Андреј Богдановски. (Општина Кисела Вода)
· од 09.00 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. Франце Прешерен. (Општина Карпош)“, информира ЦУК.
Македонија
Сончево време, попладне со локален пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
На Богородица и Табановце се чека по 10-тина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, нa ГП Богородица и ГП Табановце времето на чекање е 10-ина минути, на останатите граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.