Економија
Бектеши од Прага: Македонија е дел од Европа и само со заеднички мерки можеме да се справиме со енергетската криза
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Прага, Република Чешка, учествуваше на неформален состанок на министрите за енергетика на Европската Унија.
На состанокот на кој свое обраќање покрај домаќинот, министерот за трговија и индустрија на Чешка, Јозеф Сикела имаше и Кадри Симсон, еврокомесар за енергетика, беше претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени за потрошувачите во Европа.
На неформалниот состанок покрај земјите членки на Европската Унија присуствуваа и земјите членки на Европската енергетска заедница.
Министерот Бектеши во своето обраќање на неформалниот состанок кажа дека Западен Балкан треба да биде вклучен во нивните предлог мерки, додавајќи дека очекуваат поддршка од ЕУ, затоа што Северна Македонија е дел од ЕУ и само заедно можеме да ја надминеме оваа криза.
„Само што завршивме со состанокот со министрите за енергетика во склоп на ЕУ членките каде разговаравме за и Западен Балкан да биде вклучен во нивните предлог мерки кои најверојатно би требало да бидат усвоени во наредниот период. Ние како Северна Македонија го кажавме нашиот став во тоа што очекуваме како поддршка од страна на ЕУ со конкретни мерки а кои ќе бидат таргетирани само за земјите од Западен Балкан пошто како што наведовме и на состанокот ние се чувствуваме како дел на Европскиот континент и само заеднички ќе можеме да се стравуваме што подобро со енергетската криза”.
Мерките коишто ги предлага Европската комисија, а кои треба да се донесат следниот месец се земјите членки да изберат соодветни мерки според кои ќе имаат намалување на вкупната потрошувачка на електрична енергија за 10% до крајот на март 2023 година, односно задолжително намалување на потрошувачката за најмалку 5% во часовите на шпиц во периодот помеѓу 1 декември 2022 година и 31 март 2023 година, е наведено во соопштението од неговиот кабинет.
„Мерка за справување со енергетската криза која беше предложена е и ограничување на приходите за производителите на електрична енергија и распределба на вишокот приходи. Оваа мерка би се применувала за производители на електрична енергија од обновливи извори, нуклеарни, лигнит, тресет и централи на мазут. Пазарните приходи се ограничени на 180 EUR/MWh, а собраните вишок приходи би се користеле за ублажување на влијанието на високите цени врз крајните потрошувачи.
Како една од мерките која ја предлага Европската комисија е и солидарен придонес од бизнисите со фосилни горива кој би се применувала за компании кои се занимаваат со производство или трговија со природен гас, сурова нафта и нафтени производи, вклучувајќи рафинерии и јаглен.
Собраните средства би се користеле за поддршка на семејствата и бизнисите за да се ублажи ефектот од високите цени на енергијата“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

