Македонија
Потпишан колективен договор помеѓу МТСП и СОНК

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков го потпишаа новиот колeктивен договор.
Зголемување на платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15% и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата е една од најактуелните новитети во новиот колективен договор.
Исто така, се надминува проблемот со работното време на воспитувачите и негувателите за реализирање на другите програмски активности во други просторни услови во установата или надвор од неа.
Се обезбедува регрес за годишен одмор, четиричасовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се воведуваат јубилејни награди за работа во градинката.
Новиот колективен договор предвидува учество на синдикален претставник во повеќе комисии во установата формирана од страна на директорот, се воспоставува право на приправникот приправничкиот испит да го полага по втор пат и се зголемуваат роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.
Детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот и се зголемуваат обврските на работодавачот во делот за безбедност и здравје при работа, надминување и трајно решавање на проблемот на помошно техничките лица во делот на платите и нивен континуиран раст со зголемувањето на минималната плата.
Предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Институциите го деградираат користењето на албанскиот јазик на ниво пред усвојувањето на Законот за јазиците

„ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации“, велат од ДУИ.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата.
Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.
Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот.
ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“, соопшти ДУИ.
Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.