Култура
Промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски

Со читање од есеите на Горан Стефановски, критички осврт, беседи и изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, денеска, со почеток во 12 часот, кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“, на скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало ќе биде промовирана книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Ова е прва книга за есеистиката на Стефановски, со детално анализирање и вреднување на овој сегмент од неговиот творечки опус, а неодамна ја објави издавачката куќа „Полица“, по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски писател и есеист.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски, кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена и на настанот ќе сподели и дел од своите спомени за големиот автор. На настанот, фрагменти од есеи на Стефановски ќе се слушнат со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски. Притоа ќе бидат прочитани фрагменти и од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“. Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, како претставници на генерациите заради кои денес треба да се разберат голем дел од пораките во есеите на Стефановски, анализирани во книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка од Министерството за култура. Оваа прва промоција на „Идентитетот е приказна“ откако книгата веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ ќе се одржи со поддршка од Општината Центар и на настанот ќе се обрати и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Во рамките на настанот е предвидено и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна“, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш“.
Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски се смета за исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а со оваа нејзина промоција ќе се оствари уште едно чествување на значајниот јубилеј – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков од Слоештица: Меморијалната соба на Петре М. Андреевски не е запоставена, а ракописите се безбедно зачувани

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска ја посети Општина Демир Хисар, каде што оствари средба со градоначалникот Никола Најдовски и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион.
Во рамките на посетата, министерот ја разгледа меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна беше претставена во јавноста.
„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, изјави Љутков.
Министерот додаде дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, овој објект да го води и за него да се грижи новоформираната невладина организација, или пак да биде под Домот на културата и да се вклучи Министерството со одредена поддршка.
„Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации“, нагласи министерот.
Во текот на престојот во Демир Хисар, министерот ги посети и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ и Домот на културата „Илинден“ каде што е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“. Министерот Љутков престојот во Општина Демир Хисар го заокружи со посета на приватната библиотека „Ал-Би“ во с. Бабино и Слепченскиот манастир, кои се сведоштво за културната и духовна традиција на регионот
Култура
Седумдесет поети од земјава и странство на 64. издание на Струшките вечери на поезијата

Од 21 до 25 август по 64-ти пат ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена.
Седумдесет поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на манифестацијата.
Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството…
Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
Директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш денеска на прес-конференција информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде Глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.
„Токму затоа за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.
Според него, Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.
„Она кое се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека Струшките вечери на поезијата не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое што оваа манифестација е всушност наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.
Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.