Македонија
(Видео) Пендаровски: Апелирам до сите политички чинители конструктивно да се вклучат во процесот на европска интеграција

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот „На европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања, посветен на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2022 година.
„Пред два дена го добивме најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциите. Како и во сите досегашни извештаи, а ги имаме многу, во него се содржани реални оценки за статусот на домашниот реформски процес. Но, за разлика од порано, според мене, постојат три нови моменти поврзани со овој извештај“, истакна Пендаровски.
„Сведоци сме на многу започнати, а, недовршени реформи и уште повеќе на бројни донесени, а селективно спроведени европски закони. Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, сè во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите“, додаде Пендаровски.
Според него, прифаќајќи го францускиот предлог, ја надминавме бугарската блокада.
„Во овој момент, не можеме да ја исклучиме можноста од евентуални идни провокации на политички субјекти со анахрони погледи, како и непринципиелни и во суштина неевропски барања што ќе задираат во нашите идентитетски одредници. Но, во Европа, треба да му биде секому јасно дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест. Сиот потенцијал треба да биде фокусиран кон реалните, а не кон реторички реформи, затоа што тоа од нас, долго, предолго го очекуваат македонските граѓани“.
Оценува дека за продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус и за уставните измени, кој ќе треба да го направиме повторно во име на европската иднина. „Меѓутоа, во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, а тој процес да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација“.
Пендаровски изрази убедување дека преговорите за членство ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.
„Преговорите за членство ќе траат со години и притоа од нас ќе се бара напуштање на старите навики и практики и испорачување конкретни резултати. Во таа смисла, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор, медиумите. Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат“, појасни Пендаровски.
„Апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во центарот на политичкиот дискурс и практика. Така ќе ги оствариме и виталните национални стратешки приоритети, а тие се, заеднички да посведочиме на силен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ на власт храната станува луксуз

Што имаме ние од скандинавската среќа што премиерот Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ сакаат да ни ја прикажат и да не разубедат дека во држава со 400 евра минимална плата и цените што дивеат, добро се живеело. Да, се живее, ама до 10-ти во месецот, потоа е период на преживување. Со ВМРО ДПМНЕ на власт, година и пол, храната стана луксуз, луксуз е минималната плата, луксуз е чистиот воздух и справувањето со отпадот, луксуз е правдата, луксуз е да се има достоинствен живот. Ама, не е луксуз рекордно задолжување, новиот долг од 1,8 милијарди евра за првите 13 месеци, без никаков реален и видлив ефект на развојот, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната граѓанска трибина под слоганот „Се бориме се нашиот дом“ што се одржа во Радовиш.
Додаде дека откако на власта не им успеале така наречените „кошнички“, кои се покажале дека биле само лажен пи-ар и откако не презеле ништо, Владата на ВМРО ДПМНЕ користела само спинови и манипулации.
– Реалните податоци кажуваат инфлација од 4 отсто, а власта со спин се обидува да каже минус 0,2 отсто, ама споредувано месец со месец. Вистината е дека реалната инфлација е 4 отсто, дека храната е поскапа 6,3 отсто, цените во рестораните и хотелите над 8 отсто. Колку сакаат нека прават спинови, граѓаните гледат и чувствуваат. Не им требаат бројки, знаат колку можеле да купат со истите пари пред една година, а колку може сега. Ќесата од маркет е се попразна и се полесна, се бира што да се купи. Премиерот треба да знае дека граѓаните не може да живеат од неговите спинови, туку од она што им останува во паричникот, потенцираше Филипче.
Тој ги повика радовишани на 19 октомври да излезат масовно на гласање и да го дадат својот глас за кандиатот за градоначалник на Радовиш од СДСМ и коалицијата, Ристо Спасов и за советничката листа од оваа коалиција.
Македонија
Мицкоски: Тоа што Филипче ме презира е помало гајле, поголемо е што ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови

Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ, ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од митингот во Свети Николе.
Мицкоски се осврна и на трката за градоначалник на Град Скопје, посочувајќи дека кандидатот од СДСМ не е во трка со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку со независните кандидати.
– Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи. И тоа што ме презира е помало гајле, поголемо е што таа негова политика на навреди, на ниски зборови, кои што не би требало човек интелектуалец да ги кажува, па колку и да чувствува гнев кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ, ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови, а во некои општини, оваа политичка партија е трета, во некои е и четврта опција. Во главниот град, на пример, очекувањата се дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови. Што во суштина, е далеку под нивниот биолошкиот минимум, и е доволна основа да биде трка не со ВМРО-ДПМНЕ и со Орце Ѓорѓиевски во Скопје, туку со некои од независните кандидати, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на довербата во судството, Мицкоски рече дека два проценти доверба во судството се последица на неказнетиот криминал и сознанието дека повеќе од 100 пријави стојат во фиоките на судиите и обвинителите кои им служат на СДСМ и ДУИ.
– Она што сега ги мачи е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и се стега обрачот и околу нив и околу оние кои упорно ги штитат. За тие што ги штитат, пак, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе каже дека биле големи професионалци, а тие кои што ги штитат и се нивниот последен бастион, се малкумина обвинители и судии, и поради нив денеска довербата на народот во обвинителите и судиите е скромни 2 проценти. Тие два проценти доверба се последица на секој неказнет криминал, на сознанието дека повеќе од 100-тина пријави држат во фиоки и ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и измеќари, кои што се уште и служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
Македонија
Спасовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува трагедијата во Кочани, тврди дека не се јавил да спречи контрола

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ а сега се заштитени.
Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани”, стои во објавата на Спасовски.
Претходно, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција праша, дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката Пулс? Што кријат ЈО и Коцевски?