Македонија
Османи за одлуката за ЕУ: Не беше лесна, знаевме дека доаѓа со последици од безбедносна и економска природа

Денес, во Скопје, министерот за надворешни работи учествуваше на панел-дискусијата насловена: „Со сите капацитети до европски стандарди – институции кои испорачуваат за граѓаните“, настан во организација на Секретаријатот за европски прашања, а по повод објавениот редовен Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава за 2022 година.
Министерот Османи беше панелист, заедно со заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменик-министерот за финансии, Филип Николовски и претставниците на граѓанскиот сектор, Ана Крстиновска од Естима и Андреја Стојковски од Преспа институтот.
Поздравувајќи ги наодите во Извештајот на Европската комисија и позитивните оценки во сите области, Османи го стави акцентот на највисоката оценка – многу добар напредок –за перформансите на надворешната политика на државата, потенцирајќи дека ова е единствениот сегмент кој ретко е оценет со оваа висока оценка.
Во своето обраќање, Османи ја апострофираше потврдата од Европската комисија дека Северна Македонија е веродостоен партнер на Унијата преку вистинска посветеност на земјата кон вредностите на кои ЕУ е заснована.
„Уште еднаш ја потврдивме нашата цврста и непоколеблива стратешка определба – идно полноправно членство во Унијата. Сакам да потенцирам, дека ова не го направивме само за добиеме подобар Извештај од Европската комисија или за да го направиме нашиот силен ‘ЕУ случај’ уште поубедлив. Не, ја донесовме таа одлука бидејќи тоа беше правилната работа која требаше да се направи. Одлуката не беше ни малку лесна и знаевме дека доаѓа со низа последици од безбедносна, економска и енергетска природа“, рече Османи.
Посочи на потребата од одлучност и посветеност во работата и во следниот период во насока на унапредување на политичкиот дијалог со ЕУ и со земјите членки на ЕУ и продлабочување на регионалната соработка, особено во актуелните геополитички околности кои налагаат заеднички пристап и координација за справување со бројните предизвици на политички, безбедносен, социо-економски план.
„Се работи за еден природен процес на поместување на нашата надворешна политика согласно новата улога на земјата како НАТО – земја членка; со започнат Стратешки дијалог со САД, претседавач со најголемата регионална организација ОБСЕ следната година и иден претседавач со ПСЈИЕ, регионалната иницијатива во Југоисточна Европа, со значаен придонес кон развојот и на регионот“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.