Култура
Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во Лајпциг

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски е поканет да биде дел од ексклузивниот маркет на ДОК програмата во рамки на Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови, што се одржува во Лајпцинг, Германија, од 17 до 3 октомври, 2022 година.
„Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Сузи Кју продукција и Аворд Филм и Видео, е меѓу 120-те внимателно селектирани нови документарни филмови за кои селекторите на фестивалот сметаат дека има голем потенцијал за меѓународна циркулација, и натамошна промоција и продажба и претставува филм со меѓународна привлечност, заради што заслужува да биде претставен во програмата на ексклузивниот филмски маркет, на ДОК фестивалот во Лајпцинг.
Исто така, продуцентката и режисерката на „Љубовната соба“, Сузана Диневски, е селектирана да учествува на 35-то издание на Меѓународниот документарен филмски фестивал во Амстердам во периодот 10-14 ноември, 2022 во официјалната програма на IDFA Академијата 2022, каде ќе има и можност лично да го презентира филмот на IDFA Академијата, а во насока на негова натамошна промоција. Сузана Диневски ќе биде дел од групата од стотина филмски режисери и продуценти, чијшто избор е направен врз основа на нивниот профил, мотивација и работен опус.
Филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кои главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
„Љубовната соба” доби награда на „Агора Докс“ на фестивалот за документарен филм во Солун во Грција, во март 2022.
Филмот е во режија на Сузана Диневски. Продуцент на филмот е Сузана Диневски (Сузи Кју продукција), а ко-продуценти се Владимир Стојчевски (Аворд Филм и Видео) и Бани Бојана Диневски (Сузи Кју продукција). Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, организатор е Горан Стојилковиќ, а тонски дизајнер е Игор Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.