Македонија
Во Брисел завршен објаснувачкиот скрининг, поглавје 28 – Заштита на потрошувачите и јавно здравје

Денеска, во Брисел, со презентациите на Европската комисија за поглавјето 28 – Заштита на потрошувачите и јавното здравје, го завршивме објаснувачкиот скрининг за Кластер 2 – Внатрешен пазар.
Заштитата на потрошувачите и јавното здравје претставува едно од најсложените и најпредизвикувачки прашања во процесот на интеграција.
Заменик-главниот преговарач за Северна Македонија со Европската Унија, Дрита Абдиу-Халили, подвлече дека во изминатите години Северна Македонија реализираше бројни промени во националното законодавство и новитети во институционалната организација врз основа на препораките на експерти од одредени области.
-Новиот закон за заштита на потрошувачите е усвоен од Владата и сега е во собраниска процедура. Овој закон ги содржи новите директиви на ЕУ од 2019 година.
-Владата го формираше Советот за заштита на потрошувачите составен од членови на органите на државната управа, чии компетенции се поврзани со заштитата на потрошувачите, здравјето на потрошувачите и претставник од стопанските комори.
Во последните три години системот на јавното здравство се соочи со последиците од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Кризата докажа колку е важно јавното здравје. Минатата година Владата ја усвои Здравствената стратегија за 2021-2030 година, која содржи насоки за развој на здравствениот систем за во иднина, како и подобрувањето на здравствената состојба на населението.
– Центарот за епидемиолошки мониторинг и управување со здравствени кризи е создаден врз основа на системот за континуирано предупредување на епидемиолошки информации и работи 24/7.
-Во овие исклучително тешки услови на посебен режим за здравствените установи заради пандемијата на Ковид-19, направен е голем чекор во полето на трансплантацијата, каде за прв пат беше извршена трансплантација на срце. Покрај тоа, почнаа да се спроведуваат планови за трансплантација на повеќе органи.
Од друга страна, претставниците на Европската комисија ги презентираа новите пакети директиви и регулативи на Европската Унија кои се поврзани со заштитата на потрошувачите, здравствената заштита, заразните болести, прекуграничните здравствени ризици, како и јавните и еколошките детерминанти на здравјето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Време е културното наследство да престане да биде жртва на негрижа и да стане извор на гордост

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција го претстави еден од седумте столбови на неговата изборна програма – „Скопје – град на слоеви, град на култура“.
-Скопје е град што има историја, карактер и душа. Град што многу пати бил погоден, но секогаш успевал да се издигне, да се обнови и да продолжи напред. И секогаш, токму културата била таа што го чувала неговиот дух. Денес, кога зборуваме за иднината на Скопје, не зборуваме само за улици и инфраструктура. Зборуваме за тоа каков град сакаме да изградиме град што се развива, но не ја губи својата душа. Затоа, денеска ви претставувам уште еден од седумте столбови врз кои се темели мојата програма. Истиот е насловен „Скопје – град на слоеви, град на култура“. Културната стратегија за Скопје ја препознава слоевитоста на градот како негово најголемо богатство. Токму затоа, таа се темели на три клучни насоки: ревитализација на јавните простори, развој на културната инфраструктура и системска поддршка на културниот развој. Скопје е град што ја раскажува својата историја преку Скупи, Чаршијата, Калето и Аквадуктот. Тоа се симболи на историскиот и општествениот континуитет на нашиот град. Но мора да признаеме, овие места со години се запоставени. Аквадуктот пропаѓа, Скупи е заборавено, Калето без живот, а Чаршијата полека, но сигурно ја губи својата автентичност, рече тој.
Ѓорѓиевски нагласи дека време е културното наследство да престане да биде жртва на негрижа и да стане извор на гордост, енергија и нов живот.
-Време е тоа да се промени. Време е да го вратиме духот на Скопје. Време е културното наследство да престане да биде жртва на негрижа и да стане извор на гордост, енергија и нов живот. Аквадуктот ќе го претвориме во современ културен парк – со сцени за концерти, настани и фестивали, со уредени зелени површини и пешачки патеки. Ќе го изградиме и најдолгиот ѕид за мурали во Југоисточна Европа, како симбол на современата уметност и младинската енергија. Од запуштено место, Аквадуктот ќе стане новата визит-карта на урбаната култура во Скопје, потенцира Ѓорѓиевски.
Најави дека Археолошкиот локалитет Скупи ќе биде повторно вратен на јавноста преку негово целосно отворање, уредување и интегрирање во културниот живот на градот. -Планот предвидува културна активација на просторот преку театарски претстави, изведбени уметности, артистички и археолошки резиденции и фестивали, рече тој.
Ѓорѓиевски истакна дека Старата скопска чаршија, како едно од најзначајните културно-историски јадра на градот, ќе се уредува со почитување на сите обврски во однос на заштитата на културното наследство.
-Пристапот ќе вклучи унапредување на урбаното функционирање и унифициран изглед на тендите, со цел зачувување на автентичноста, но и отворање кон современи содржини. Историските објекти ќе се интегрираат во секојдневниот урбан живот, како јавна уметност, пренаменети простори за културни центри, пазари или уметнички работилници, создавајќи жив историски кварт кој ќе привлекува и странски и домашни посетители. Скопското Кале ќе го интегрираме како жив културен центар преку развивање на континуирани културни програми, адаптација на просторот и современо уредување што ќе ја нагласи неговата историска вредност. Со поставување на монтажни сцени и објекти за културни настани, Калето ќе се отвори за фестивали, концерти, театарски претстави, едукативни активности и изложби, со што оваа историска тврдина ќе ја спои меморијата на минатото со современата креативност, правејќи ја достапна и привлечна за сите генерации, изјави тој.
Најави дека ќе ја унапреди работата на МКЦ, кое е белег на културното и урбаното живеење во Скопје, како и на Музејот на град Скопје, Културно-информативниот центар, како и сите сите културни институции кои се под надлежност на Градот. Посочи дека Киното „Милениум“ ќе биде целосно реконструирано и повторно ставено во функција како мултифункционален културен објект.
-Скопје ќе стане град на фестивали, град што живее преку културата целата година. Системска поддршка ќе дадеме на реномирани скопски фестивали како „Skopje Jazz Festival“, „Skopje Calling“, „Пиволенд“, „Виноскоп“, „Баскерфест“, „Фестивал на светлина“, „Скопје танцува“, „Скопје Рок Револуција“, „Скопски филмски фестивал“ и други манифестации. Ќе го вратиме Скопскиот фестивал на забавна музика и ќе го оживееме меѓународниот фолклорен фестивал „Скопје“. Истовремено, Скопје мора да се отвори и кон меѓународната културна сцена, привлекувајќи странски уметници, продукции и културни мрежи, нагласи тој.
Ѓорѓиевски истакна дека сите овие чекори се дел од визијата Скопје да биде град на идеите, уметноста и луѓето – град со културна сила што ќе биде пример за целиот регион. -Зашто културата е инвестиција во иднината. А иднината на Скопје ја гледам како град што создава, инспирира и обединува, рече кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Османи најави мобилна болница и здравствени тимови за подобра превенција на здравјето на граѓаните на Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи на денешната прес-конференција ги претстави клучните здравствени проекти од неговата изборна програма. Најави нов пристап во локалната здравствена политика.
Османи најави воспоставување на мобилна болница, како караван кој секојдневно ќе биде присутен во различни населени места, каде граѓаните ќе можат бесплатно да направат превентивни здравствени прегледи.
– Секој ден во едно маало ќе има мобилна болница, во која граѓаните доброволно ќе можат да направат превентивни здравствени прегледи. Ова е многу важно, не само за откривање на поединечни случаи, туку и за зголемување на општата свест, рече Османи.
Како дел од вториот столб на здравствената програма најави здравствени тимови составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами.
– Повозрасните лица на некој начин се најпогодени во однос на здравјето. За нив ќе подготвиме здравствени тимови од лекари и медицински сестри кои ќе одат и ќе ги посетуваат во нивните домови кога ќе има потреба, истакна Османи.
Тој најави и посебни превентивни програми за жените, со фокус на раното откривање на рак на дојка и поддршка на физичкото и менталното здравје.
-Прашањето за жените беше најважниот приоритет во здравствената програма. Општината ќе има посебни проекти за приоретизирање на нивното здравје, рече тој.
Османи потенцираше дека новата визија за здравството во Чаир се темели на превенцијата, а не, како што посочи, на скапи и задоцнети интервенции. Тој нагласи дека сегашната состојба во Чаир е загрижувачка.
-Триесет отсто од децата во Чаир имаат повеќе хронични заболувања на белите дробови поради нечистотијата, поради правот на нашите улици. Полициските извештаи покажуваат дека четири лица дневно во Чаир завршуваат на операциона маса, поради урбаниот хаос и сообраќајните несреќи, рече Османи.
Османи денеска присуствуваше на настанот „Здравје за сите во нашата општина“, заедничка иницијатива на Секретаријатот за здравство и Младинскиот форум на Националната алијанса за интеграција што се одржа во Старата Чаршија.
Македонија
СДСМ: По наркоскандалот на директорот на Неврологија мора кривична одговорност и темелна истрага

По скандалот со директорот на Клиниката за неврологија, кој беше снимен како консумира дрога, од СДСМ реагираат дека повлекувањето од функцијата не е доволно и бараат целосна кривична и институционална одговорност.
„Ова е мега скандал на власта и мора да има кривична одговорност и темелна истрага на целокупната негова работа, бидејќи се работи за здравството и за здравјето на луѓето,“ изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според Радеска, доколку лице што управува со здравствена установа користело дрога, се отвора сериозно прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите и врз безбедноста и функционирањето на клиниката.
„Сите надлежни институции мора веднаш да го повикаат на распит и да го преиспитаат целото негово работење – сите тендери, одлуки, финансиски трансакции и кадровски именувања во периодот кога тој раководел со клиниката,“ додаде таа, потсетувајќи дека и Државната ревизија констатирала неправилности во клиничките испитувања и процедурите.
Од СДСМ бараат и Министерството за здравство да побара од Лекарската комора да му биде одземена лиценцата за работа сè додека трае истрагата.
„Не може човек што се дрогира да се занимава со здравјето на луѓето или со медицина,“ нагласи Радеска.
СДСМ оценува дека случајот е показател за хаосот во здравството под власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема лекови, нема операции, луѓето не можат да добијат здравствена услуга, а директорите на ДПМНЕ се дрогираат. Срамно и тажно во исто време,“ стои во реакцијата на партијата.
Од таму додаваат дека е фрапирачко молкот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за овој случај.
„Додека неговите директори се фатени со дрога, Мицкоски не може да зборува за морал ниту за вредности,“ порача Радеска.