Економија
Национална федерација на фармери: Потребни се политики за економско јакнење на жените од руралните средини

Жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита и сл. јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само 5% од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште, и тоа најчесто откако ќе станат вдовици. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки. Напротив, ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор, истакнуваат од Националната федерација на фармери.
Според нив, потребно е активно залагање од страна на сите чинители за воведување соодветни мерки за ублажување на товарот за грижа и за подобро негово прераспределување меѓу жените и мажите, за достапност до услуги на жените во руралните средини и за поддршка на продуктивната и неплатена домашна работа. Жените, како што велат, имаат клучна улога во обезбедувањето одржливост на руралните домаќинства и заедници, како и подобрувањето на целокупната благосостојба.
„Во оваа насока уште еднаш скаме да ги истакнеме заложбите од Декларацијата за подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини која е потпишата од наша страна на Националната федерација на фармери, Мрежата за рурален развој на РСМ,и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика во 2018 година на 15 октомври:
-Подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој;
-Креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството, и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија;
-Подобрување на достапноста на јавните услуги во согласност со остварување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030;
-Поттикнување поголемо учество на жените од руралните средини во процесот на одлучување и креирање политики на локално и националнo ниво;
-Взаемна соработка за активно промовирање позитивни примери за родова еднаквост (посебно во делот на рушење на традиционалните норми и стереотипи; еднаков пристап на жените и мажите за сопственост на земјоделско земјиште и имот), како и воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за зајакнување на нивниот економски и социјален развој“, додаваат од федерацијата на фармери.
Во насока на обединување и подигање на свеста на руралните жени за нивната важна улога во локалните заедници и општеството, Националната федерација на фармери заедно со Мрежата за рурален развој на РСМ 15 години го одбележуваат Меѓународниот ден на руралната жена и се подржани од Шведската организација за развој We Effect. Имено 15ти октомври е прогласен за Меѓународен ден на жената од руралната средина од страна на Обеднитетите нации во 2008 година. „Оваа година одбележувањето на меѓународниот ден на руралната жена решивме да го поврземе со 16 октомври – Светскиот ден на храната со цел да потенцираме дека во оваа време на економска и енергетска криза важен сегмент на кој што треба да се обрне внимание е обезбеденоста на храната и потребно е креирање на мерки и политики за опстанок на руралното население и малите производители на храна“, велат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Неколкукратно е зголемена бројката на апликанти за мерката млад земјоделец во вредност од 70 милиони денари

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници односно апликанти за околу 70 милиони денари, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.
Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.
Економија
Во јули годишен раст од 13,0 отсто на вкупните депозити и од 13,0 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,0%, којшто во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, извести Народната банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0%, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот
Економија
Халкбанк со намалени тарифи, повеќе придобивки за граѓаните и компаниите

Халкбанк АД Скопје донесе одлука за намалување на дел од своите тарифи, во согласност со променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија. Со оваа одлука значително се намалуваат надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите, при што клиентите ќе добиваат уште поповолни услови за извршување на финансиските трансакции.
И досега, Халкбанк во многу сегменти нудеше атрактивни услови во однос на тарифите. Така, проверката на состојбата на било која картичка на банкомат била и е бесплатна, а сите приматели на плата или пензија преку Халкбанк со својата мастеркард дебит картичка можат да подигнуваат готовина на банкомати на било која банка во Македонија без провизија. Бесплатно е и повлекувањето готовина од платежна сметка во девизи.
Со новите промени, електронските интерни налози за физички лица отсега наместо 5 денари, ќе бидат бесплатни. Истовремено, цената на електронски, брзи меѓубанкарски плаќања (МИПС) за физички лица, се намалува од 100 на 50 денари, а кај хартиените МИПС налози преку шалтер на банката, новата цена е 80 денари по налог, односно, во овој дел извршено е намалување за 60% од досегашната тарифа.
И за правните лица цената кај електронските, интерни налози се намалува од 11 на 7 денари, како и кај електронските МИПС плаќања од 100 на 80 денари, во зависност од износот. Направена е измена и кај хартиените МИПС налози за правни лица, каде новата цена сега изнесува 200 денари т.е. направено е намалување за 33% од досегашната цена за овие трансфери.
Овие промени ќе имаат директна корист за сите клиенти, особено за оние кои активно користат дигитални канали и електронски плаќања.
Истовремено, на сила остануваат сите поволности кои досега Банката ги нудеше на своите клиенти.
Халкбанк на клиентите им нуди и посебни пакети во рамките на кои се добиваат низа поволности и намалени тарифи. За младите до 24 години е наменет HalkEz пакетот со кој се добива бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности. За пензионерите, освен што се врши редовна и навремена исплата на пензијата, креиран е и специјален Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби. А за оние кои ја примаат својата плата или пензија преку Халкбанк, наменет е и Смарт пакетот кој претставува комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден економичен месечен пакет. Тука се вклучени водењето на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилното и електронско банкарство, електронските налози, месечните известувања и подигнување готовина од сите банкомати во земјата. А пакетот нуди и подарок ORYХ Home Аssistance – без надоместок во промотивниот.
Дополнително, од 7 октомври Халкбанк ќе започне со извршување на прекугранични трансфери кон СЕПА (Single Euro Payments Area) системот. Во СЕПА регионот, кој опфаќа 41 земја членка и повеќе од 4.000 учесници, на сите клиенти – физички и правни лица – ќе им биде овозможено да извршуваат и примаат плаќања во евра под исти услови и со иста ефикасност како во рамките на националните граници.
Со ваквите чекори, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата стратегија да биде банка која ги поддржува граѓаните и компаниите со поповолни услови, современи дигитални решенија и интегрираност во европските платежни стандарди.
ПР