Македонија
(Видео) Андоновски: Европскиот извештај покажува дека самобендисаната влада не ги спроведува реформите

Самобендисаноста, дрскоста и навредите од премиерот нема да ги направат резултатите на оваа Влада подобри од оние кои се забележани во годинешниот извештај на Европската унија за напредокот на Македонија. Извештајот ги бележи недостатоците во владеењето. Но, реформите треба да бидат за граѓаните. Не за самобендисаните елити во зградата на Илинденска, истакна на прес-конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно е, додава тој, дека Владата не се грижи за реформите.
„И тоа е факт од кој не може да се избега со скапи настани и прес-конференции. Ковачевски изгледа ги преспал препораките на Европската комисија и од 2021 и од 2020 година“.
Андоновски оценува дека дедостасува реализација во клучните области. Ова, како што рече, се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост.
„Оценката на Европската комисија, во многу делови, е дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од Комисијата во неколку претходни извештаи. Но, додека Владата зборува со навреди кон опозицијата, ние ќе зборуваме со факти. Во делот на реформата на јавната администрација ЕУ и забележува на Владата дека сите препораки од минатата година не се адресирани во доволна мера. Препораките за подобрување на процедури за елиминирање на непотизмот, клиентелизмот и кронизмот, вклучително и за назначување на менаџери и членови на надзорни и управни одбори не се имплементирани.Во иста ситуација е и борбата со корупцијата и организираниот криминал“, додава тој.
Според извештајот за активностите за 2020 година на ГРЕКО, кој е забележан и во овој извештај , Македонија, потенцира Андоновски, имплементирала само 52 отсто, а делумно имплементирала 40 отсто од препораките.
„Ако ги сумираме оценките, Владата во Македонија има и најнизок степен на напредок во вкупно 35 позиции. Во 35 области, Владата не успеала да постигне напредок поголем од оценка 2. Ова претставува непочит и за ЕУ и за ЕК, за кои Владата има само убави зборови, а нема дела.Но, најмногу е непочит кон македонскиот граѓанин кој очекува резултати. И за тоа не е виновна опозицијата. За ова се виновни неспособноста, неработата, надменоста и дрскоста на Владата“, нагласи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.