Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Реалната поддршка на пакетот мерки на владата е само 30 милиони евра

По правило пакет мерките кои ги предлага власта на СДС во време на криза или се задоцнети или се промашени или се обичен маркетиншки трик. И овој пакет мерки кој сега го преставуваат не ги решава суштинските проблеми на граѓаните и на стопанството, туку се само купување на мир за неколку месеци, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Богданка Кузеска од СДСМ.
„Вистината е дека реалната вредност на поддршката на владата не е 360 милиони евра, туку само 30 милиони евра. Како за споредба Хрватска во својот пакет есенски мерки предвиде реална поддршка од над 2,8 милијарди евра. Како резултат на лошите економски политики на власта Македонија има убедливо најниско ниво на раст на БДП и според прогнозите ќе ја завршиме годината единствено подобро од Русија и украина. Тоа е поразително“, оценуваат од опозициската партија.
Во исто време, додаваат од таму, македонските компании плаќаат најскапа цена за електрична енергија во регионот, а граѓаните се соочуваат со една од највисоките стапки на инфлација во Европа. Тоа значи дека стандардот тоне, а економијата умира.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ, потсетуваат тие, понуди пакет од 5 конкретни мерки кои власта треба да ги земе предвид, кога веќе самите не знаат да направат ништо.
1. „Предлагаме вишоците на произведена струја кои што ги произведува поранешно ЕЛЕМ, во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за поранешна АД ЕЛЕМ.
2. Дополнително, секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на регулираниот пазар на електрична енергија, половина од разликата да ја преземе државата.
3. За граѓаните да се предвиди Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, за да можат да се снабдат граѓаните по пониска цена за да се заштити стандардот на граѓаните.
4. Одложување на скалестото оданочување кое го планира власта бидејќи тоа ќе удри на стандардот на граѓаните, а ќе влијае и врз финансиската ликвидност на компаниите.
5. Исто така предлагаме да се дестерилизираат на благајничките записи во Народната банка, што би значело средства на располагање на стопанството со што ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите, а работните места ќе бидат сочувани .
СДС и Ковачевски покажаа целосна неспосбност и затоа ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија нуди решенија за поддршка на работните места, поддршка на стопанството и поддршка на стандардот на граѓаните. Власта е на потег“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски на средба со претседателот на Стопанската комора на Дубаи

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Владата имаше средба со претставници од бизнис заедницата и Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи.
На средбата премиерот Мицкоски информираше дека приоритет на Владата е економската стабилизација на земјата, односно како што рече тој да донесеме што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
„Прво би сакал да ве информирам дека во текот на изминатите четири квартали, дојдовме до раст на нашиот домашен производ од нас 3%. Оваа Влада беше избрана пред околу 15 месеци и од самиот почеток нашиот најголем приоритет е економската стабилизација на земјата. Би сакале да се претставиме како Влада којашто е ориентирана кон бизнисот, којашто сака да ги поддржува деловните и бизнис можностите. Да донесе што е можно повеќе странски, директни инвестиции и секако да ги подржи домашните директни инвеститори.
Доколку го анализираме европскиот пазар, додаде тој, тогаш може да заклучиме дека имаме неверојатно достигнување, затоа што, како што кажа, европскиот пазар се соочува со огромни предизвици, особено кога станува збор за автомобилската индустрија.
Мохамед Али Рашед Лута претседател и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи на средбата истакна:
„Растечката соработка меѓу Дубаи и Северна Македонија ја одразува нашата заедничка амбиција да изградиме отпорни економии и да поттикнеме одржлив развој. Трговијата меѓу нашите пазари достигна вкупно 495 милиони американски долари во текот на изминатите пет години, нагласувајќи го долгорочниот тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Овој моментум се одразува и во растечкото присуство на македонските компании во Дубаи во различни сектори.“
Тој додаде дека Стопанската комора на Дубаи останува посветена на зајакнување на врските меѓу нашите деловни заедници и промовирање на инвестициски текови што ги унапредуваат нашите заеднички приоритети.
„Гледаме значаен потенцијал во ова партнерство и сме решени да осигуриме дека ќе донесе опипливи резултати преку проширена трговија и подлабока соработка за обликување на долгорочен просперитет на двата пазара“, рече Мохамед Али Рашед Лута.
Економија
Славески на Конференција во Женева: Монетарната политика e претпазлива согласно предизвиците

„Монетарната политика и во иднина ќе биде претпазлива согласно предизвиците од неизвесностa поврзана со домашното и надворешното окружување. Народната банка и натаму проактивно ќе ги следи состојбите и ќе биде подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност“. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој учествува на панел-дискусија на 13-тата годишна конференција во организација на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на којашто присуствуваат и вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка Анета Крстевска.
Гувернерот Славески посочи дека во изминатите години светот се соочи со неколку последователни кризи, а македонската економија како мала транзициска економија, се соочи со повеќе шокови со кои успешно се справи задржувајќи ја макроекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка.
„И во претстојниот период, особено важни ќе бидат широкиот монетарен инструментариум и силната координација со другите макроекономски политики заради натамошно закотвување на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив економски раст“, нагласи гувернерот Славески.
Тој додаде дека, и покрај очекувањата за постепено намалување на инфлацијата, и натаму има бројни ризици поврзани со динамиката на цените на услугите, при што ја посочи координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика како најважна во сегашниот економски контекст.
„Структурните предизвици, како што се процесите на деглобализација, непредвидливите трговски тензии, демографските промени, како и технолошкиот напредок со посебен акцент на вештачката интелигенција, и натаму ќе влијаат врз потенцијалниот економски раст и инфлацијата. За да се приспособиме кон овие околности, потребен е проактивен пристап и структурни реформи коишто ќе обезбедат отпорност на економијата и ќе придонесат за ублажување на инфлациските притисоци на подолг рок“, заклучи гувернерот Славески, нагласувајќи дека централните банки внимателно ги следат случувањата во светот и се подготвени навремено да реагираат.
Економија
Мицкоски останува на ставот дека треба да се пресметуваат посебни потрошувачки кошнички

Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека е потребно да се изработат посебни потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, како што се самци, млади брачни парови, семејства со три или четири члена, како и за пензионери.
Тој нагласи дека трошоците на овие групи не се исти и затоа не треба да се третираат подеднакво.
Мицкоски кажа дека на последната седница на Економско-социјалниот совет била водена дискусија по ова прашање и дека веќе е формирана работна група.
„Мислам дека со Министерството за економија и труд има веќе работна група која комуницира. Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна. Генерално, таква кошница која ќе одговара на потребите на граѓаните треба да излезе. Уште стојам на ставот дека мораме како втора пресметка да направиме пресметка и за потрошувачка кошница за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство и пензионери. Сето ова треба да го имаме на ум зашто потребите на малд брачен пар и на пар пензионери не се исти. Не можеме една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки“, изјави премиерот Мицкоски.
За покривање на основните животни потреби, во септември на четиричлено семејство му се потребни 65.077 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија. Споредено со месец август, вредноста на синдикалната минимална кошница е намалена за 430 денари.
Месецов за храна и пијалоци, како што стои во табелата, се потребни 23.394 денари, односно 670 денари помалку од август, кога требало да се потрошат 24.064 денари.
Според пресметките на синдикатите, доколку семејството живее под кирија, во изнајмен стан од 60 квадрати, месецов ќе му требаат најмалку 80.452 денари.