Економија
Владата го усвои Предлог законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани

Владата на Република Северна Македонија, денеска ја одржа 91-та седница.
На седницата, како што соопштија е усвоен Предлогот на Закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, предложен од Министерството за труд и социјална политика.
Целта на Предлог-законот е обезбедување финансиска поддршка на најранливите категории на граѓани, во услови на енергетска криза.
„Финансиска поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец, од денот на влегувањето во сила на овој закон е предвидено да добијат:
– корисници на право на социјална сигурност на стари лица;
– корисници на посебен додаток;
– корисници на правото на надоместок заради попреченост;
– лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост;
– самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.
И за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, е предвидена финансиска поддршка по 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон.
За корисниците на право на пензија во висина до 14.000 денари е предвидено:
– финансиската поддршка од 1.500 денари, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон, за корисниците кои оствариле доход по основ на пензија во висина, не поголема од 11.525 денари месечно;
– финансиската поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон, за корисниците кои оствариле доход по основ на пензија во висина од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно.
Финансиската поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон е предвидено да добијат и корисниците на право на надоместок за телесно оштетување“.
Од Владатa велат дека со оглед на тоа што не е во прашање сложен и обемен закон, а се однесува на финансиска поддршка на ранливи категории граѓани, се предлага Собранието да расправа по него во скратена постапка. Законот, како што информираат ќе влезе во сила со денот на објавувањето во Службен весник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дизелот поскапува, цената на бензините останува иста

Од ноќеска на полноќ, дизелот ќе поскапи за два денари, додека цената на бензините ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 16.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,529 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,079 ден/кг и сега ќе изнесува 36,529 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Економија
За 2025 година Владата утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци, изјави Дурмиши

За 2025 година, Владата на Република Северна Македонија утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци. Оваа бројка е резултат на внимателна анализа на состојбата на пазарот на труд и изразените потреби од работна сила во различни сектори, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на регионалната конференција за трудова миграција што се одржува во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграции (IOM) и партнерските институции од регионот.
Тој додаде дека системот е прецизен, транспарентен и ја почитува домашната работна сила, истовремено отстапувајќи простор за пополнување на дефицитарните профили со квалификувани странски работници.
Според министерот, заложбата на Владата е да се создаде амбиент каде што секој што легално живее и работи во нашата земја ќе се чувствува безбедно, почитувано и поддржано.
„Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија“, заклучи министерот Дурмиши.
Тој рече дека нашата земја ги гледа мигрантите не само како работна сила, туку како носители на знаење, искуство, културна размена и економски потенцијал.
„Регулираното вклучување на странски работници придонесува кон подигнување на продуктивноста, развојот на трудоинтензивни индустрии и стабилизирање на вработеноста“, рече министерот.
„За трудовата миграција да биде успешна, таа мора да биде придружена со социјални и интеграциски политики. Тоа значи заштита на работничките права, борба против дискриминација, почитување на културните разлики и обезбедување еднаков пристап до информации и институции“, кажа министерот и додаде дека во Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, се обезбедува стабилен и јасен правен механизам, преку кој странските работници можат да се вклучат во економијата на нашата држава, секогаш во согласност со домашните потреби и стандарди.
Законот предвидува утврдување на годишна квота за работни дозволи, која не смее да надминува 5% од вкупно вработеното население во земјата.
Економија
СЕПА: Напредува подготовката на банките за приклучување во европската платежна инфраструктура во октомври 2025 година

Сите дванаесет комерцијални банки во земјава интензивно работат на изготвување апликации и технички решенија потребни за нивното вклучување во платежната шема за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Една системски значајна банка веќе ја поднесе апликацијата до Европскиот совет за плаќања (ЕПС), девет банки имаат направено избор на странска банка преку која ќе ги извршуваат плаќањата, коешто е предуслов за поднесување на апликацијата, додека останатите се во фаза на завршување на овие активности. Се очекува, најголемиот дел од банките да го завршат овој процес до 22 август 2025 година за да можат да започнат со извршување на првите прекугранични трансакции во евра во рамките на СЕПА на почетокот на октомври 2025 година, којшто е и најраниот рок утврден од ЕПС за приклучување на давателите на платежни услуги од нашата земја.
Ова е заклучокот од состанокот одржан помеѓу претставниците од Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) во Националниот совет за платни системи (НСП), со цел согледување на тековниот статус на плановите и роковите за миграција на банките, предизвиците со коишто се соочуваат и можностите за нивно надминување за навремено и успешно приклучување во СЕПА. НСП е консултативно тело коешто преку координирани активности на сите засегнати страни од регулаторен и деловен аспект има за цел да го поддржи развојот на платниот систем во земјата и да ја зголеми ефикасноста на плаќањата во земјата и странство. Состанокот го предводеше вицегувернерката Емилија Нацевска, која е претседателка на НСП. НСП, преку постојана соработка на сите засегнати страни во земјата, ќе продолжи да им дава поддршка на банките за разрешување на сите отворени прашања со цел нивна ефикасна интеграција во платежните шеми во СЕПА.
На 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, а со тоа се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки. Интеграцијата на банките во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, пред сѐ брзи, сигурни и поевтини прекугранични плаќања во евра и зголемена економска активност. Народната банка, како носител на активностите за членството на земјата во СЕПА, останува посветена на процесот на интеграција на банките, при што редовно и навремено ќе ја информира јавноста за напредокот.