Економија
(Видео) Трипуновски: Граѓаните, наместо во ЈП „Македонски шуми“, се препраќаат кај приватните стоваришта

Неизвесноста и стравот од можни рестрикции на струја поради енергетската криза ги натера граѓаните спас да бараат во огревното дрво. Но, поради лошото менаџирање и неспособноста на Владата на СДС, огревно дрво нема ни за лек, истакна на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство.
„ЈП ‘Македонски шуми’ оваа година немаат ниту 20 проценти реализација на исечено огревно дрво потребно за задоволување на домашната потрошувачка. Во услови на енергетската криза кога сè повеќе домаќинства што се грееле на струја, се ориентираат кон греење на дрва, ‘Македонски шуми’ немаат доволни количини со овој енергент. Граѓаните, наместо да бидат услужени во подружниците на ЈП ‘Македонски шуми’, се препраќаат кај приватните стоваришта. Дека станува збор за смислено сценарио, односно за префрлање големи профити кај приватни лица наместо во ЈП ‘Македонски шуми’, говори фактот што во време на ВМРО-ДПМНЕ реализацијата на годишната сеча се движела до 90 проценти, а само околу 10 проценти од потребите биле задоволувани од страна на приватните стоваришта. За разлика од сега, кога реализацијата е само над 20-ина проценти“, вели Трипуновски.
Додава дека ЈП „Македонски шуми“ оваа година на пазарот на огревно дрво практично понуди 4 пати помалку дрво за греење во однос на минатите години.
Намалената понуда, според него, влијае и на зголемување на цените на огревното дрво во приватните стоваришта, која се движи над 5.000 денари за кубен метар.
„Но, проблем нема само со дрвата. Голем дел од граѓаните се греат и на печки за пелети, а недостиг има и таму. Истиот тренд на зголемување го имаме и кај цените на пелетите, чија цена во однос на лани е зголемена тројно. Ако лани цената беше 12.000 денари за тон, денес еден тон пелети чини над 35.000 денари. Сето ова е предизвикано од недостигот на дрвна маса, огревно дрво и дрво за преработка, причинети од недоволното производство на ЈП ‘Македонски шуми’“, истакнува Трипуновски.
Тој жповика, Љупчо Николовски како ресорен министер, но и целата Влада, да одговори пред граѓаните зошто дозволија да има недостиг на огревно дрво, а со тоа и негово поскапување, кога знаеме дека навремената сеча можела да го реши овој проблем.
„Дали народот плаќа скапо огревно дрво и скапи пелети за поединци од власта да се богатат? Одговорност за лошото менаџирање со институциите, неспособноста и негрижата на власта, не смеат да ја плаќаат граѓаните“, потенцира тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.