Македонија
(Видео) Лефков: ДКСК да постапи по претставката за дезертерот Ковачевски
Дезертерот Ковачевски отворено призна дека додека бил заменик-министер за финансии е исплаќана државна помош од владата и ФИТР на „Пиксел груп“, фирма основана од него, а сега во посед на неговиот кум, со изговор дека тоа не е спорно за него. Но, тоа што за Ковачевски не е спорно, се вика судир на интереси, изрично забрането и според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, посочи Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во чл. 72 ст. 1 од законот стои дека службеното лице во текот на вршењето на позицијата е должно да внимава на потенцијален судир на интереси, како и да преземе мерки за негово одбегнување. Дезертерот Ковачевски во периодот од 2020 до крајот на 2021 година е заменик-министер за финансии, период во кој се извршени исплати во висина од над 300.000 евра кон ‘Пиксел груп’, о тоа дел од Владата, дел од ФИТР. Постои сериозна опасност тој да влијаел врз таквите одлуки. ДКСК да не молчи и да постапи во однос на претставката што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе за Ковачевски во аферата ‘Броило’, тешка 26 милиони евра“, вели Лефков.
Според него, дезертерот Ковачевски е централна фигура во аферата „Броило“, а „Пиксел груп“ основана од него е фирмата околу која се вртат сите пари.
„Пиксел груп“ е фирмата што ги произведува панелите што „КМГ ЕОЛ квазар“ на кумот Паунов ги монтира. Меѓу големиот број зделки на „КМГ ЕОЛ квазар“ се и 2 милиона евра државни тендери добиени откако е СДС на власт. И договор со ЕВН во висина од над 2 милиона евра.
„Пиксел груп“, основана од Ковачевски, понатаму е и фирмата што заедно со новоформирана бугарска фирма гради фабрика од 54 милиони евра во ТИРЗ Тетово, фирма која, како што пишуваат медиумите, ќе преговара и за државна помош. И сето ова од отворање на фирмата во ТИРЗ Тетово до почеток на инвестицијата се случува откако Ковачевски е премиер. Само за потсетување, ТИРЗ Тетово е зона со даночни и царински поволности и ослободувања, кои се регулирани со посебен закон.
Ако ова не е судир на интереси, тогаш што е?“, додава Лефков.
„ДКСК да не молчи. Предвремената амнестија, која се обидоа да му ја дадат на дезертерот Ковачевски, пропадна во вода. Самиот призна сè. Единствено правилно е сега да постапат во согласност со законот и да утврдат судир на интереси, а Ковачевски да си поднесе оставка“, истакнува Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

