Македонија
Маричиќ од Брисел: Преговорите со ЕУ носат нови можности за бизнисот
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг-состанок за Поглавјето 10, „Информатичко општество и медиуми“, рече дека Македонија веќе има преземено чекори за усогласување со постојните политики на ЕУ и дека главна цел на Владата е да обезбеди висококвалитетни јавни услуги за граѓаните и бизнисите.
„Ја препознаваме важноста од трансформирање на општеството и донесување нови можности за бизниси и технологија. Нашите реформи се одржливи, нашиот напредок е препознаен и ни се даваат нови можности преку скрининг-процесот побргу и полесно да ги постигнеме ЕУ-стандардите во ова поглавје. Нашата цел е да обезбедиме одржлива економија и дигитализација на услугите на приватниот и јавниот сектор“, рече вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање пред Европската комисија.
Тој во својот говор ги истакна и досегашните достигнувања во оваа област потенцирајќи дека успеавме да го воведеме бројот за итни случаи ЕУ, 112, на кој во моментот се работи за неговата правилна имплементација.
Главниот преговарач со ЕУ најави дека конечните верзии на националната стратегија за ИКТ и акцискиот план 2021-2025 се веќе подготвени, консултирани со јавноста и ќе бидат финализирани во следните месеци, како и дека ќе продолжи спроведувањето на Националниот оперативен план за широкопојасен интернет. Во таа насока Агенцијата за електронски комуникации поддржана од Канцеларијата презема чекори со кои ќе се олеснат условите за воведување 5G и ќе се стимулира влезот на нови технологии и оператори.
„Препознавајќи ја важноста на сајбер-безбедноста, ја подготвуваме и новата национална стратегија за сајбер-безбедност 2023-2027 година, со акцент на градење и подобрување на националните капацитети за сајбер-безбедност, безбедност и отпорност на критичната информациска инфраструктура, подигање на свеста и меѓународна соработка“, додаде Маричиќ.
Во рамките на Регионалниот заеднички пазар (Берлински процес), Маричиќ рече дека учествуваме во извештајот за имплементација на Индексот за дигитална економија и општество (DESI) во регионот на Западен Балкан, во кој Северна Македонија е високо подготвена, со податоци за 87 % од индикаторите DESI, кои се достапни и усогласени со DESI-методологијата.
Маричиќ во однос на законодавната агенда истакна дека го подготвуваме законот за безбедност на мрежи и информациски системи за кој се очекува текстот да биде финализиран во првите месеци од 2023 година.
Рече и дека планирано е да се усогласи македонското законодавство со директивата на ЕУ за аудио и аудиовизуелни медиуми 2018/1808 и дека веќе постои проект на ЕУ, кој ќе им помогне на властите во тој процес.
„Покрај тековните активности за подобрување на законската рамка, Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги континуирано ќе придонесува за подобрување на медиумската средина преку организирање кампањи на релевантни теми, како што се: медиумска писменост, говор на омраза, одговорност во онлајн просторот, како и како заштита на потрошувачите“, најави Маричиќ.
Дополнително, главниот преговарач со ЕУ рече дека ќе следуваат измени на Законот за употреба на податоците од јавниот сектор, со цел усогласување со директивата на ЕУ за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор (2019/1024), во насока на зголемување на транспарентноста во институциите од јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на работата на јавната администрација и придонес за намалување на корупцијата на сите нивоа.
Денеска, во Брисел, со отворањето на објаснувачкиот скининг-состанок за Поглавјето 10, почна објаснувачкиот скрининг за кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

