Македонија
Нуредини: Кањонот Матка има можности да стане една од главните туристички екодестинации во државата
По долг консултативен процес, Министерството за животна средина и просторно планирање на вчерашната јавна расправа го презентира нацртот на Законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата, во кој се предлагаат категоријата на заштита, зонирањето на заштитеното подрачје, како и начинот на управување.
Расправата ја отвори министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој истакна дека Кањонот Матка е еден од најспецифичните и најуникатни природни локалитети во државата.
„Богатството со природни и културни вредности го вбројуваат Кањонот Матка во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Република Северна Македонија“, истакна Нуредини нагласувајќи дека прекрасните видиковци, богатството со спелеолошки објекти, особено пештерите, уникатниот жив свет, културното и духовното богатсво, како и близината до градот Скопје, даваат безброј можности кањонот Матка да стане една од главните туристички екодестинации во државата.
„Наша цел е да го заштитиме богатството со кое природата нè дарувала, но на начин со кој ќе се овозможи одржлив развој и социоекономски просперитет за жителите“, одговори Нуредини на прашање на жител на село Глумово за влијанието на прогласувањето на заштитеното подрачје врз животот на локалното население и нивните секојдневни активности.
Со нацртот на законот се предвидува со споменикот на природата, Кањон Матка, да управува Град Скопје во соработка со Општина Сарај.
„Задоволни сме што за овој предлог добивме позитивно мислење и од Град Скопје и од Општина Сарај, во која се наоѓа овој вреден споменик на природата. Начинот на управување ќе биде тема на расправа кога управувачкото тело ќе изработи нацрт-план за управување за кој исто така ќе биде консултирана јавноста“, рече министерот Нуредини.
Презентација за природните вредности и за начинот на зонирање на имаа Васил Атанасовски, конзерватор советник за геовредностите и биодиверзитетот за Кањонот Матка, професор д-р Ивица Милевски, редовен професор на Природно-математичкиот факултет, а на нацртот на законот претставници од МЖСПП.
Изработката на нацрт-законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата e во рамките на активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање за валоризација или ревалоризација на заштитени подрачја и прогласување заштитени подрачја и исполнување на обврските од Законот за заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност за периодот 2018-2023.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

