Економија
(Видео) Трипуновски: Фирма за пелети блиска до Николовски купува дрва десетпати поевтино од народот

Слабата реализација на ЈП „Македонски шуми“, кое оваа година не обезбеди ниту 20 % од потребната дрвна маса, што e далеку од потребната количина, ако се земе предвид дека во државата речиси 50 проценти од домаќинствата огревното дрво го користат како главен енергент, покрај тоа што има цел да ги насочи купувачите кај одредени приватни стоваришта, ја вивна и цената на дрвната маса во плафон, што резултира со поскапување на цената и на пелетите, истакна на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Власта, додава тој, и во пелетите виде бизнис, „па гледаме како се распродава дрвна маса по цена 10 пати пониска цена од пазарната на фирми блиски до власта за потоа да направат пелети и да инкасираат милионски добивки“.
„Ова е еден од договорите што ЈП ‘Македонски шуми’ го склучила со фирмата ‘Еколајф’ ДООЕЛ за сеча во Свети Николе, фирма што важи за блиска до Љупчо Николовски. Со овој договор ЈП ‘Македонски шуми’ продава 3.165 кубни метри дрвна маса за цена за кубен метар од 300 денари за кипарис и 525 денари за црн бор. Доколку власта навистина водеше грижа за граѓаните, тогаш ова дрво, наместо да им се понуди на граѓаните со ниски примања, кои не може да си дозволат да се снабдат со доволна количина огревно дрво, за полесно да ја поминат зимата, се дава на фирма блиска до власта и Николовски“, посочи Трипуновски.
Очигледно е вели тој, дека на власта не ѝ е приоритет народот, кој не може да си купи дрва и едвај преживува, туку бизнисот и процентите.
„Вкупната цена на дрвната маса од договорот е 1.578.250 денари за 3.165 м3, и според пресметките, ќе се добие околу 650.000 килограми пелети. Ако оваа количина ја помножиме со цена од 30 денари за килограм пелети, доаѓаме до сума од 19.500.000 денари. Дополнително, истата фирма има добиено договор за сеча во Делчево за 35.000 метри кубни дрво, од што би се добиле над 7 милиони килограми пелети, или ако се земе предвид дека просечната цена на еден килограм пелети е околу 30 денари, фирмата ќе инкасира над 200 милиони денари“, дополни Трипуновски.
Според него, само со овие два договора власта овозможува чиста заработка од над 3 и пол милиони евра за фирмата „Еколајф“, блиска до Љупчо Николовски и СДС.
Го повикува Јавното обвинителство да отвори случај и да утврди зошто ЈП „Македонски шуми“ не обезбедило доволно дрвна маса во своите складишта?
„Зошто реализацијата е речиси 4 пати помала од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт? Дали зад сето ова се крие бизнис со цел вештачко кревање на цената на огревното дрво и на пелетите и овозможување бизнис за фирми блиски до власта? Дополнително, Николовски, наместо да бега, мора да одговори зошто ги остави граѓаните и домаќинствата на самиот почеток од грејната сезона без огревно дрво, а прашање е дали воопшто и ќе го има до крајот на зимата. Одговорност мора и ќе има кога тогаш!“, потенцира Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ново од Минт кредит – поддршка за стартапите

Да започнете сопствен стартап е возбудлива авантура – идејата е свежа, енергијата е огромна, а визијата јасна. Но, секој претприемач знае дека патот од идеја до реализација на успешен бизнис бара финансиска стабилност. Токму тука ние, Минт Кредит, стануваме вашиот партнер за стартап кредит.
Во Минт Кредит веруваме дека стартапите се моторот на новата економија, и затоа нашиот бизнис кредит е создаден токму за луѓето кои не се плашат да ризикуваат и да создадат нешто свое.
Нашиот бизнис кредит е создаден за стартапи и правни лица кои сакаат да го претворат својот потенцијал во успешна приказна.
Бизнис кредит – Брз стартап кредит без чекање
Во светот на стартапите, времето е сè. Можностите се менуваат од ден во ден, а да се биде чекор пред конкуренцијата значи многу. Затоа, бизнис кредитот од Минт Кредит е создаден да биде брз, едноставен и флексибилен.
Нашиот тим знае колку е важно стартапот да добие поддршка веднаш, кога му е најпотребна. Заборавете на долгите процедури и бескрајни состаноци, кај нас процесот е транспарентен, лесен и целосно дигитален.
За да аплицирате треба да сте правно лице со јасна визија и амбиција, без разлика дали сте стартап кој штотуку започнува или веќе стабилна компанија што сака да се прошири.
Што добивате со бизнис кредитот од Минт Кредит?
Нашиот бизнис кредит за стартапи е создаден со разбирање на реалноста. Не бараме сложени формалности, туку ја гледаме суштината – вашиот потенцијал, вашата визија и вашата посветеност.
Со нашиот бизнис кредит за стартапи добивате финансиска поддршка до 1.000.000 МКД, со рок на отплата до 60 месеци и можност за грејс период до 24 месеци. Тоа значи дека можете да започнете со реализација на идејата веднаш после одобрување. Без нејасни услови – само понуда создадена да им даде поддршка на младите претприемачи.
Стартап кредит што работи во корист на претприемачите
Кога велиме дека нашиот бизнис кредит е создаден за стартапи и правни лица, тоа навистина го мислиме.
Знаеме дека на почетокот секој ден и секоја финансиска одлуика се важни. Затоа, нашиот бизнис кредит за стартап е дизајниран да им овозможи на новите компании да се развиваат без дополнителни притисоци.
Со Минт Кредит можете да искористите стартап кредит за да:
- Инвестирате во нова опрема или технологија,
- Отворите канцеларија или продавница,
- Вложите во маркетинг за да го лансирате вашиот бренд,
- Ангажирате нови членови во тимот,
- Го финансирате секој чекор од вашиот бизнис раст.
Секој проект е различен, но сите имаат заедничко нешто: финансиската поддршка од Минт Кредит што ги движи напред. Нашиот бизнис кредит за стартапи не е само бројка, тој е поддршка за вашата визија и труд.
Како до бизнис кредит за стартап?
Едноставно. Брзо. Без компликации.
- Аплицирајте онлајн на Минт Кредит, во една од нашите филијали, или јавете се на 15 107.
- Доставете ги основните документи за вашиот бизнис.
- Добијте одговор за кратко време затоа што знаеме дека стартапите немаат време за чекање.
Нашата цел е да бидеме ваш вистински партнер, не бирократска пречка.
Зошто Минт Кредит е вистинскиот избор за стартап кредит?
- Брзина и ефикасност – од апликација до одобрување за кратко време.
- Разбирање за стартапи – ние знаеме како размислуваат младите претприемачи.
- Флексибилни услови – прилагоден рок и грејс период за безгрижен почеток.
- Поддршка и совети – нашиот тим е тука за да ви помогне со насоки и препораки.
- Транспарентност – кај нас секој услов е јасен, без скриени трошоци.
Кога стартапите размислуваат за финансирање, често мислат дека тоа е долг и сложен процес. Ние го менуваме тоа. Со Минт Кредит, добивате брз бизнис кредит кој ја поддржува вашата визија.
Зошто стартап бизнисите најчесто “заглавуваат”?
Секој стартап започнува со идеја, но патот до стабилен бизнис ретко е едноставен. Најчестите проблеми што ги гледаме кај младите компании се:
- Недостиг на почетен капитал – без доволно средства, дури и најдобрите идеи остануваат само тоа, идеи.
- Проблеми со редовен приход – првите месеци често се непредвидливи за стартапите, посебно додека сеуште немаат стабилни и предвидливи приходи.
- Ограничен пристап до финансирање – традиционалните банки често бараат долга историја и големи гаранции шти ги прави недостапни за стартапите.
- Недостиг на простор за раст – без потребната финансиска поддршка, тешко е за стартапите да инвестираат во нова технологија, маркетинг, или проширување на нивниот тим.
Минт Кредит – партнер на новата генерација претприемачи
Во Минт Кредит веруваме во иновативноста, храброста и визијата на македонските стартапи. Знаеме дека секоја голема приказна почнува со мала идеја и со вистинска поддршка.
Нашиот бизнис кредит е повеќе од финансиски производ. Тој е партнерство за секој што има амбиција да создаде нешто свое, уникатно и успешно. Со Минт Кредит, стартапите не мора да чекаат совршен момент, можат да го создадат.
Аплицирајте денес за стартап кредит од Минт Кредит и развијте го вашиот бизнис со сигурност, поддршка и брзина.
(ПР)
Економија
„Булмак 2016“ уплати 58,2 милиони денари на државата и на општините Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица за концесија

Компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, „Булмак 2016“ извести дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096денари концесиски надоместоци. Од нив 22% одат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари, а останатите 78% или 45.420.255 денари одат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.
„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ вели Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.
Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари.
Од „Булмак 2016“ велат дека остануваат посветени на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста.
Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.