Македонија
Османи – Фајон: Поддршката на Словенија за Македонија е гласна и недвосмислена

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со заменичката на претседателот на Владата и министерка за надворешни работи на Република Словенија, Тања Фајон, која престојува во официјална посета на Македонија.
Посочувајќи на годинешниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, беше потенцирано искреното и стабилно пријателство меѓу двете земји. На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби во двете земји, за билатералните односи и за соработката, со посебен акцент на економската соработка, каде што се забележува тренд на континуиран раст во однос на претходните години.
Во фокусот на разговорите беше членството на Северна Македонија во Европската Унија, почнувањето на преговорите и одвивањето на скрининг-процесот, како и за конкретната помош што Словенија ја обезбедува со цел спроведување на неопходните реформи.
„Почетокот на преговорите со ЕУ е историски настан не само за нас туку и за Унијата. Поддршката на Република Словенија на овој пат е гласна и недвосмислена. Нам секако ни претстои имплементирање на преземените обврски, кои не се едноставни. Потребни ни се уставни измени за кои како Влада целосно стоиме посветени и ќе ги вложиме сите напори за да создадеме соодветна политичка поддршка. Секако, и тука сметаме на поддршката од нашите пријатели – Словенија во прв ред и како непосреден сосед на Балканот, имајќи предвид дека европските интеграции на земјата претставуваа заемен интерес“, истакна Османи.
Соговорниците изразија задоволство од соработката во рамките на сојузништвото во НАТО изразувајќи недвосмислена осуда на руската агресија врз Украина, заканите за ескалација на конфликтот од страна на Русија реафирмирајќи ја притоа поддршката за Украина во секој можен поглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Целосно исчистена депонијата кај Буњаковец

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека целосно е исчистена дивата депонија зад катната гаража во Буњаковец, во близина на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Отстранувањето започна минатиот месец како дел од акцијата за чистење „Центар не чека, Центар чисти“, при што беа подигнати големи количини отпад, се миеја улици и се подобруваше хигиената низ целата општина.
„Целосно ја исчистивме дивата депонија позади катната гаража во Буњаковец. На овој простор, кој долго време беше занемарен и невидлив за граѓаните, затекнавме опасен отпад – азбестни плочи и разни градежни и други материјали што претставуваа сериозен ризик по здравјето. Веднаш интервениравме со механизација, го отстранивме целиот отпад и извршивме дезинфекција на теренот. Сега овој простор е безбеден и уреден, а во наредниот период тука ќе се уреди нов паркинг и ќе се засади зеленило, со што оваа локација конечно ќе добие функционална и естетска вредност“, истакна Герасимовски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Венко Филипче е човек без кредибилитет на врвот на СДС и само второ лице на Зоран Заев

Венко Филипче е човек без кредибилитет на врвот на СДС и само второ лице на Зоран Заев, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Венко Филипче е избран со двојно и тројно помалку гласови од своите претходници.
Венко Филипче, како што додава во изјавата Манасиевски, нема ниту автентична политика и тој е второ лице на Заев и негова продолжена рака во политиката.
„Венко Филипче е човек со голем број афери зад него, и само таков човек му одговара на Заев, да го држи зауздан и послушен. Венко Филипче не знае каде тера, тој нема мандат за ништо, ниту пак може да нуди решенија за нешто. Филипче е извор на проблеми долги години наназад“.
Како што истакнува Манасиевски, колкав проблем е Венко Филипче, доволно е да се погледне здравството и на секој ќе му биде јасно.
Македонија
„Пин петрол“: Целата документација е доставена до надлежните органи

Целата документација во врска со нашето правно лице е доставена до надлежните органи за што имаме одговор дека немаме никаква поврзаност со овој настан, велат од компанијата „Пин петрол“ по кривичната пријава од финансиската полиција за проневера на речиси 22 милиона денари.
Од таму испратија демант за поврзаност со уапсеното лице и велат дека немаат никаква поврзаност со кривично-правниот настан.
Демантот го пренесуваме во целост:
„Како компанија ‘Пин петрол’ во целост демантираме и се оградуваме од наводите на некои медиуми, кои пренесоа информација за некаква поврзаност со уапсената Габриела Крстевска. Ние како компанија немаме никаква сопственичка, правна и роднинска поврзаност со осомничената. Ние како правно лице имаме склучено договор со АД ‘Пошта Македонија’ (подружница ‘Пин петрол’) за кое осомниченото лице Габриела Крстевска има работено. Како компанија најостро ги осудуваме ваквите наслови на некои медиуми и за какви било информации во врска со осомничената одговорите треба да ги барате во АД ‘Пошта Македонија’. Целата документација во врска со нашето правно лице е доставена до надлежните органи за што имаме одговор дека немаме никаква поврзаност со овој настан“.