Македонија
Глигоров: Владата и општините да го вратат долгот кон ЈСП за да се исплатат платите на вработените
Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, на денешната прес-конференција изјави дека Владата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ му должи 2 милиона евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите. Тој исто така рече дека и некои општини имаат долг кон ЈСП и апелира до нив во најкус можен рок да ги исплатат долговите со цел да се овозможи нормално функционирање на претпријатието.
„Во моментот Владата, односно Министерството за образование, има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиона евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите. Дополнително, неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“, изјави секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Тој додаде дека долговите кон ЈСП, кои се бројат во милиони евра, го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието и создаваат проблеми во тековната работа, односно исполнување на обврските, кои претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.
„Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП ‘Скопје’ има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието, недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантски и да не ги исполнуваат своите обврски.
Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од утре, среда, 12 часот, ќе почне со протест пред Владата сè до намирување на долговите кон ЈСП“, додаде Глигоров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

