Економија
Бектеши: Државните институции заштедиле вкупно 20 отсто електрична енергија во септември
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, на прес- конференција во Владата, ја презентира анализата за заштеда на електрична енергија во септември во споредба со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија. Според анализата, остварена е вкупна заштеда од 20 % на потрошувачката на електрична енергија.
Во прилог ви го доставуваме интегрално говорот на министерот Бектеши од прес-конференцијата:
„Министерството за економија до Владата на Република Северна Македонија достави сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Република Северна Македонија за безбедна зима.
Овие мерки почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15 % на месечно ниво почнувајќи од 1 септември 2022 година заклучно со 31 март 2023 година во споредба со истиот месец од претходната календарска година.
![]()
Во согласност со податоците на Министерството за економија, обезбедени од „Електродистрибуција“ АД Скопје за потрошувачката на електрична енергија од министерствата со сите подрачни единици, Владата, судовите и Собранието, Кабинетот на претседателот, како и ЕЛЕМ и МЕПСО, направена е вкупна заштеда на електрична енергија од 20 %.
Доколку се анализираат податоците земени од потрошувачката само на административните згради на министерствата, Претседателот на РСМ, Собранието на РСМ, Владата на РСМ, АД ЕСМ, АД МЕПСО, заштедата на струја изнесува 25 %.
При што 6 субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15 % во согласност со задолженијата, а другите субјекти имаат остварено заштеди од 15 до 73 %, повеќето од 25 до 35 %. Единствено, административната зграда на Министерството за локална самоуправа има зголемена потрошувачка на енергија за 81 % во септември 2022 во споредба со истиот месец 2021 година.
Во согласност со податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25 %, кај Министерство за внатрешни работи 21 %, Министерство за култура 40 %, Министерството за образование 35 %, Министерство за политички систем 22 %, Министерство за транспорт и врски 30 %, Министерство за труд и социјална политика 36 %, Министерство за финансии 32 %, Министерство за економија 30 %.
Од друга страна, најмала заштеда е направена во административната зграда на Министерството за здравство, од 2 %, по што следуваат Министерството за надворешни работи од 8 % заштеда и Министерството за одбрана од 8 % заштеда.
Собранието заштедило 29 % од потрошувачката на електрична енергија, а кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17 %.
Исто така, анализата на потрошувачката на електрична енергија покажува дека заштедата кај претпријатијата во државна сопственост изнесува 8 %, а опфатени се вкупно 17 државни компании.
Од нив, 9 субјекти оствариле заштеди од минимум 15 % во септември 2022 година во споредба со истиот месец во 2021 година, пет субјекти оствариле заштеди помалку од 15 %, два имаат поголема потрошувачка на електрична енергија.
Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена, односно цената на HUPX + 20 %. Најголем број субјекти што се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта по што следуваат министерствата и здравствените установи.
![]()
Во согласност со анализата, општините кои имаа препорака за заштеда на електрична енергија вкупно за 29% ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во септември, споредено со истиот месец претходната година.
Притоа од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15 %, а другите 56 општини успеале да направат заштеда на електрична енергија поголема од 15 %.
Најмногу отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе.
Преостанатите што не ја постигнале заштедата од 15 % се во ранг од -14 до +13 %.
Овие податоци за заштеда на електрична енергија покажуваат дека доколку сме сите рационални и непотребно не трошиме електрична енергија, може да се направат големи заштеди. Доколку сите дадеме максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, секој со свој личен влог може да помогне полесно и со најмали можни последици да се справиме со оваа енергетска криза.
Сакам да апелирам до сите дека состојбата во енергетскиот сектор, не само во Северна Македонија туку и во цела Европа, не е шега и секој степен помалку е заштеда од речиси 5% на енергентите.
Грејната сезона почна и треба сите ние во наредниот период малку да се фокусираме на штедење и начините како да го направиме тоа. Една мала промена на секојдневните навики може да направи голема разлика“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

