Спорт
Ограбен домот на Тео Ернандез
Францускиот репрезентативец и дефанзивец на Милан, Тео Ернандез, е уште еден фудбалер чиј дом е ограбен.
Според италијанските медиуми, крадци вчера влегле во куќата на Тео Хернандез, која се наоѓа во миланската област Касано Мањагу.
Сопругата на Тео, Зои Кристофоли, и нивниот шестмесечен син Тео Јуниор, биле во куќата за време на грабежот.
Според првите извештаи, крадците успеале да одземат многу важен плен, а полицијата ги истражува настаните со помош на безбедносните камери во куќата и ги реконструира настаните со помош на сопругата на играчот.
Тео Ернандез е поранешен играч на Атлетико Мадрид, Алавас и на Реал Мадрид. Во Милан е од 2019 година, има одиграно 134 натпревари, постигнал 21 гол и запишал 25 асистенции. Минатата сезона со Милан ја освои Серија А.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Реал неволно го пушта Ендрик во Лион
Бразилскиот напаѓач, Ендрик, е блиску до договор за позајмица во Лион за време на зимскиот преоден рок. 19-годишникот сака да минува повеќе време на теренот, со цел да ги зголеми шансите за настап на Светското првенство со бразилската репрезентација предводена од Карло Анчелоти.
Реал Мадрид е подготвен да одобри привремено заминување без можност за откуп, иако неволно, а трансферот сè уште зависи од постигнувањето конечен договор со Лион.
Минатата сезона под водство на Анчелоти, Ендрик одигра 37 натпревари и постигна седум гола откако пристигна од Палмеирас, но оваа сезона одигра само 14 минути. Новиот тренер на Реал, Чаби Алонсо, засега не може да му гарантира значајна улога. Алонсо верува во долгорочниот потенцијал на Ендрик, но во моментов претпочита други играчи.
Младиот Бразилец имаше проблеми и со повредите. Тој го пропушти Светското клупско првенство поради повреда на грбот, а дополнителното одложување во закрепнувањето го спречи да игра на почетокот од Ла Лига. Тој сега е целосно подготвен, но неговиот единствен настап оваа сезона беше неодамна, кога влезе од клупата во победата на Реал од 4:0 против Валенсија.
Гонзало Гарсија, кој се истакна на клупското Светско првенство, моментално е пред Ендрик во редот на напаѓачите, па сите страни веруваат дека позајмицата во јануари би била најдобрата опција. Реал сè уште смета на Ендрик на долг рок, а неговата иднина ќе биде подетално разгледана во текот на летото.
Спорт
„Лекип“ откри кого Дешан ќе тренира по СП во 2026 година
Францускиот селектор Дидие Дешан ќе ги напушти „Триколорите“ по Светското првенство во 2026 година. „Лекип“ тврди дека тој веќе има нова работа.
Според овој извор, селекторот ќе се врати во клупскиот фудбал и ќе го преземе кормилото на Ал Итихад. Ова не ја изненади француската фудбалска јавност, бидејќи еден ден претходно Дешан потврди дека имал контакт со клуб од Саудиска Арабија, а познато е дека првите ѕвезди на Ал Итихад се поранешните репрезентативци на Франциај Карим Бензема и Н’Голо Канте.
Во таа прилика, селекторот на Франција нагласи дека неговата одлука да го напушти кормилото на „Триколорите“ на крајот од Светското првенство во 2026 година е конечна, без оглед на тоа каков резултат ќе постигне Франција на Светското првенство.
Овој 57-годишен тренер ги предводи Французите од 2012 година. Под негово водство, „Триколорите“, станаа светски шампиони во 2018 година во Русија. Пред Франција, тој тренираше само три други клуба: Монако, Јувентус и Олимпик Марсеј и освои трофеи со секој од нив.
Како фудбалер, Дешан играше за Нант, Бордо, Олимпик Марсеј, Јувентус, Челзи и Валенсија. Тој освои 15 трофеи, вклучувајќи две Лиги на шампиони со Марсеј (1993) и Јувентус (1996).
Спорт
Оскар поради проблеми со срцето мора да стави крај на кариерата
Бразилскиот фудбалер Оскар (34) е принуден да ја заврши кариерата откако беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Поранешната ѕвезда на Челзи , во вторникот заврши во болница, откако се пожали дека не се чувствува добро. Најновите вести велат дека поради проблеми со срцето, тој ќе мора да ја заврши кариерата.
Како што објави „Дејли мејл“, Оскар паднал во несвест за време на тренинг, поточно за време на користењето на велосипед за вежбање, во тренинг центарот на Сао Паоло.
Оскар беше голема ѕвезда на Челзи пред десет години, но во својот најдобар период, кога имаше само 25 години, реши да ги напушти „Сините“ и да оди во Кина.
Иако стана еден од најплатените играчи во светот, тој исчезна од фудбалската мапа и беше заборавен од многу фанови.
Според „Глобал Еспорте“, Оскар покажал знаци на срцева абнормалност за време на тестовите пред да се врати на теренот по повредата на грбот.
Медиумите известуваат дека лекарите на Сао Паоло процениле дека играчот од средниот ред е подготвен да се врати на теренот. Оскар се врати во Сао Паоло во јануари оваа година, откако осум години играше во Шангај, Кина, а претходно, покрај за Челзи, играше и за Интернационал од Порто Алегре.
Двапати беше шампион на Англија со Челзи и еднаш ја освои Лига Европа со „Сините“ од Лондон.
Забележа 48 настапи за бразилската репрезентација и постигна 12 гола.

