Економија
(Видео) Мукаетов предупредува: Нѐ очекува исклучително тежок период, кризата неминовно ќе се одрази врз работењето на компаниите

Бизнис-лидери од регионот, меѓу кои и генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зедоа учество на Форумот на менаџери, кој се одржа на 18 октомври годинава во Белград.
Во рамките на овој еминентен бизнис-настан во организација на Српската асоцијација на менаџери – „САМ“, регионалните бизнис-лидери имаа свои излагања на теми од областа на економијата, енергетиката и прехранбената индустрија, трендовите во делот на менаџментот со човечките ресурси и работна сила, финансиските текови и претстојните предизвици на економски и бизнис-план од аспект на моменталните кризни текови.
Во своето обраќање, врзано со темата за економските движења низ призмата на геополитичките настани, енергетската криза и регионот, Мукаетов истакна дека на светот му претстои исклучително тежок период, особено откако глобалната здравствена криза доби и предзнак воена, а потоа и енергетска.
„ Поскапувањето на енергенсите, транспортот, недостигот од суровини и амбалажа, неизвесноста во пласманот и достапноста на основните производи неминовно ќе се одразат на работењето на компаниите насекаде во регионот“, истакна Мукаетов.
На освртот околу вложувањата во услови на криза, кога компаниите вообичаено штедат на маркетинг и кратат инвестиции, Мукаетов изјави: „Во својата долга историја ‘Алкалоид’ надминал бројни кризи. Но, една од фактичките константи во сите 86 години од работењето на компанијата се инвестициите. Во последните 20-ина години нашите инвестиции интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи над 200 милиони евра во нови капацитети, истражување и развој, опрема, лаборатории, технологија, софтвер и персонал. Историски гледано, во изминатите 2 децении, кои јасно беа обележани со разни кризни предзнаци, продажбите на ‘Алкалоид’ пораснаа од 53 милиони евра во 2005 година на 207,6 милиони евра во 2021 година. Инвестициите ги гледаме како пат кон нашиот раст и развој и планираме да останеме на тој пат”.
Околу актуелните состојби во регионот поврзани со т.н. одлив на мозоци, Мукаетов го потенцираше значењето на инвестирањето во човечкиот капитал.
„Како столбови на економиите на нашите земји, треба да најдеме начини квалитетните луѓе да ги задржиме тука. Човечките ресурси отсекогаш биле во центарот на вниманието на Алкалоид и наш императив е да изградиме компанија каде луѓето ќе бидат задоволни и каде својот потенцијал ќе го вложат кон заеднички успех, бидејќи имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитет се одраз на организациската култура и луѓето пред сѐ“, изјави Мукаетов.
На овогодишниот „САМ – Форум на менаџери“ со свои видувања за економските текови во регионот имаа бројни истакнати менаџери на српски компании и еминентни економски аналитичари, а видеообраќања, покрај Мукаетов, имаа и Емил Тедески, генералниот извршен директор на „Атлантик груп“, и Дејан Турк, генерален директор на „А1“ за Србија и за Словенија.
Од овој тематски форум произлегоа бројни пораки, но и препораки во делот на неминовното дополнително приспособување на бизнисот кон специфичните потреби на пазарот, земајќи ги предвид и неговите ограничувања поттикнати од моменталните кризни текови. Енергетската ефикасност и одржливоста беа посочени како главен предуслов за одржување на конкурентноста на компаниите и за справување со предизвиците кои произлегуваат од глобалните опаѓачки трендови во економијата. Изнесувајќи ги тезите во рамките на своето говорење, Мукаетов поентираше дека тешките времиња бараат и тешки одлуки, охрабрувајќи дека, сепак, зад секој предизвик стојат можности.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.
Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.