Македонија
(Видео) Митева: Половина милион евра се потрошени залудно поради неспособноста на МОН

МОН потрошило над половина милион евра за печатење скрипти за еднократна употреба, пари од Светската банка, за да ја покрие својата неспособност, навремено да испечати учебници за основците, изјави Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од документот на Светската банка се гледа дека над половина милион евра пари се употребени за печатење на скрипти за еднократна употреба. Иако Министерството за образование има пари во буџетот кои се предвидени за печатење на учебници за подолг временски период и кои треба да опслужуваат повеќе генерации, сепак и оваа година владата на СДС задоцни со печатење на учебниците и беше ставен под знак прашалник почетокот на учебната година.
За да не излезе на виделина неспособноста на власта, која не успеала навреме да испечати учебници со средствата, кои патем се предвидени во буџетот, тие користат средства од проектот на Светската банка за унапредување на основното образование и трошат над половина милион евра за печатење скрипти од 100-ина страници за еднократна употреба од неколку месеци“, додаде Митева.
Според неа, тоа се пари што немало да бидат потрошени доколку власта навреме извршила подготовка и печатење на учебниците за кои веќе има предвидено пари во буџетот.
„Исто така, минатата година оваа фирма, ‘Тримакс’ ДОО Скопје доби исто така половина милион евра за изработка на фамозните дигитални учебници, исто пари од проектот на Светската банка, кои патем годинава се неупотребливи. Ова се пари што се дадени за изработка, печатење и дистрибуција на учебен материјал, кој никогаш никој не го користел. За ова мора да има одговорност.
Овие над половина милион евра можеле да се искористат за подготовка, печатење и дистрибуција на друг учебен материјал или помагала, кои ќе служеле за повеќе генерации. Власта не се однесува домаќински и грижливо ниту со парите на македонските граѓани, кои патем доаѓаат преку буџетот, ниту со парите што ги добиваат како помош или грант или проект од странски организации, како што е и случајот со парите од Светската банка. Одговорност за доцнењето со печатењето на учебниците мора да има. Доколку власта навреме си ја вршеше работата, над половина милион евра, пари од Светската банка, ќе можеа да се наменат на долгорочен развој на образованието“, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Стандардот на граѓаните постојано се намалува, а власта одбива да ги покачи платите“, вели Кузеска

„Животниот стандард на граѓаните од месец во месец постојано се намалува. Најновите податоци покажуваат дека висината на синдикалната кошничка во месец август достигна 65.507 денари. Најголем дел од трошоците на граѓаните одат за храна и пијалоци, над 24.064 денари, додека трошоците за домување, комуналии и хигиена дополнително го оптоваруваат секое семејство“, рече Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Во исто време платите стагнираат, власта упорно одбива да ја зголеми минималната плата на 500 евра, одбива да ги прифати предлозите за покачување на платите во останатите сектори.
Двајца вработени со минимална плата во едно семејство немаат доволно пари да ги покријат месечните трошоци. За да се покрие синдикалната кошница потребни се 2,7 минимални плати.
Тоа значи дека дури и семејства со двајца вработени не можат да обезбедат пристоен живот.
Европската статистика покажува дека дури 55% од македонските граѓани не можат да си дозволат одмор. Тоа е уште еден доказ за поразителниот стандард во кој живеат граѓаните на државата.
Стотици илјади граѓани бројаат денови до следната плата, не знаат дали ќе им стигнат пари за сметки и за храна, родители од месец во месец пресметуваат што да скратат за да преживеат.
Младите наместо да планираат иднина дома, се повеќе сакаат да се иселат од државата.
Куповната моќ на граѓаните за една година е намалена за над 20%, на последно место во Европа сме по куповна моќ, a Македонија е на листата на најсиромашни земји.
Ова се резултатите од промашените економски политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата година.
Народот врзвува крај со крај а власта се луксузира со манго, папаја, луксузни патувања со приватни авиони.
Граѓаните заслужуваат подобро од криминална влада која ги остава сами да се борат со сиромаштијата и со енормните сметки.
Потребни се итни мерки за раст на платите, намалување на трошоците за живот и вистинска грижа за стандардот на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Несреќа на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна несреќа, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.