Македонија
Сребрен медал за македонскиот тим на Европската олимпијада по информатика за девојки
На втората по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2022), која од 16-ти до 23-ти октомври се одржува во Анталија, Турција, македонските ученички – информатичарки ја заокружија успешната година за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика, освојувајќи еден сребрен медал.
Сребрениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Софија Велковска од Скопје, а солидно претставување имаа и останатите 3 членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка, Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид. Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученички беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 33-ти пат. Заедно со овој медал, македонските ученици на интернационалните информатички олимпијади само оваа година имаат освоено вкупно 5 сребрени медали, 5 бронзени медали и 3 олимписки
пофалби, што е резултат со кој би биле задоволни и многу поголеми и побогати земји во светот.
Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар наменет само за ученички, што како иницијатива потекна од успехот на Европската математичка олимпијада за девојки. Форматот на натпреварот е сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот е исто така придружен и со социјални настани, како што се екскурзии, за време на кои учесниците можат да стекнуваат нови пријателства едни со други, како и да разменуваат дел од своите национални култури.
Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки, избрани преку националните натпревари во програмирање. По минатогодишното прво издание на оваа олимпијада кое се одржа онлајн заради пандемијата, ЕОИД 2022 се одржува со физичко присуство и со учество на вкупно 95 учеснички од 27 европски земји. Дополнително, како претставници на земји-гости на ЕОИД, во неофицијална конкуренција учествуваат и 60-ина ученички од 15-ина земји надвор од Европа (како САД, Канада, Саудиска Арабија, Бразил, Сингапур и др.). Главни организатори на ЕОИД 2022 се Министерството за индустрија и технологија, како и Научно-технолошкиот истражувачки совет на Република Турција.
Следната, трета по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023) ќе се одржи идната година, во Лунд, Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кога Лога сака да глуми заштитник на наводната независност на судските институции, да објасни врз основа на кои од двата отсто доверба во судството го темели овој заклучок
„Кога Кренар Лога ќе сака да глуми заштитник на наводната независност на судските институции добро е да објасни врз основа на кои од двата отсто доверба во судството го темели овој заклучок“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на фејсбук објавата на министерот Кренар Лога.
„Зошто Лога не беше загрижен кога цело ДУИ и Зајас на Ахмети беше вграден во судскиот систем на државата?
Ислам Абази првиот човек на организиран криминал, Бурим Сејдини, претседателот на Управен суд и Али Ахмети, лидерот на интегративците се родум од кичевското село Зајас.
Претседателите на основните судови во Тетово и Кичево, Хасан Асани и Амдије Зенку се поранешни функционери и активисти на ДУИ. Во Врховниот суд е и Шпенд Деваја, сопругот на поранешната градоначалничка Теута Арифи.
Добрила Кацарска стана Уставен судија откако работата ја заврши со политичките прогони во основниот кривичен суд“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Остро ја осудуваме деградирачката реторика, ВМРО-ДПМНЕ да не се однесува како на изборна кампања“, реагира Лога
„Остро ја осудуваме деградирачката реторика на политичката партија која претендира да управува со оваа држава. Нападот врз независните институции е неприфатлив јазик за една земја членка на НАТО и земја која се наоѓа пред пристапување во Европската Унија“, реагира министерот за правда, Кренар Лога на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.
„Како министер и како министертво сме имале период на дебати и со претседателот и Уставниот суд воопшто, но во ниту еден момент тоа не било причина да се девалвира во јазик на омраза и лични квалификации кои потоа се манифестираат на улица и како закани кон носителите на јавни функции. Сè уште има одлуки на Уставниот суд за кои не делиме исти ставови, но во ниту еден момент истите не смеат да послужат како изговор за оспорување на тие пресуди и деградирачки коментари. Ја повикуваме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висината на задачата што ја чека, и да не се однесува како на изборна кампања. Патот на консолидирање на демократските институции поминува низ почитување од страна на партиите и релевантните институции“, се додава во реакцијата на министерот Лога.
Македонија
Водата во Куманово е исправна и може да се пие, извести Општински штаб за заштита и спасување
По извршениот инспекциски контролен надзор и по добиените резултати од ЦЈЗ – Куманово од испитаните примероци на вода, последователно од 25.05.2024, 26.05.2024 и 27.05.2024, констатирано е дека истите одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење, издаденото Решение за забрана на водата за пиење е укинато.
„Со ова, ги известуваме граѓаните дека водата во целиот водоснабдителен систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење“, извести Општински штаб за заштита и спасување на Куманово.