Свет
Германските претставници овој месец по втор пат дојдоа во Тајван поради конфликтот со Кина
Шест претставници на германскиот Бундестаг пристигнаа во Тајван, што е втора посета на германска парламентарна делегација овој месец, поради зголемените регионални тензии.
Делегацијата ја предводи членот на Либералната партија, Питер Хајд, и на островот во Јужното Кинеско Море ќе престојува до среда, а ја пречека заменик-министерот за надворешни работи Минг-Јен Цаи.
Владејачката коалиција, која се состои од социјалдемократи, зелени и либерали, вети дека ќе ги поддржи демократските земји, рече Хајд, додавајќи дека односите меѓу Тајван и Кина се најголемиот предизвик во тој дел од светот.
„Заканите испратени од Кина не треба да не спречат да дојдеме во Тајван и да го поддржиме како земја со која споделуваме вредности како слободата и демократијата. Секогаш ќе го правиме тоа“, изјави Хајд.
Тајван има своја независна влада од 1949 година. Меѓутоа, ако се праша Пекинг, Тајван е дел од Народна Република Кина, затоа најнаселената земја во светот се противи на какви било официјални контакти меѓу Тајван и други земји. На почетокот на овој месец, Тајван веќе беше посетен од група германски претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Мора да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах
Шефот за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, повика на поголем притисок врз Израел и Хезболах за да се договори примирје меѓу завојуваните страни.
„Се сретнав со либанскиот премиер Наџиб Микати за да разговарам за итни чекори за ставање крај на конфликтот“, напиша тој на „Икс“ во неделата.
„Мораме да го зголемиме притисокот врз Израел и Хезболах за тие да се согласат со американскиот предлог за прекин на огнот“, додаде Борел, кој го посети Бејрут.
„Израелската армија збриша 37 села во јужен Либан и продолжува да фрла бомби врз центарот на Бејрут“, рече тој. Ова мора да престане, како и нападите на Хезболах врз израелските заедници, додаде.
Без прекин на огнот, ниту Израелците ниту раселените во Либан не можат да се вратат во своите домови, напиша Борел на „Икс“ по неговите разговори со либанското раководство.
Борел се состана со Микати и со претседателот на парламентот Набих Бери, комесар на проиранската милиција Хезболах.
Соединетите држави со недели вршат притисок за примирје меѓу шиитските милиции и Израел. Посредникот Амос Хохштајн оваа недела повторно отпатува во Либан и Израел за да ги продолжи преговорите.
Хезболах го нападна Израел со силен ракетен оган во неделата, откако еден ден претходно во жесток израелски воздушен напад загинаа најмалку 29 луѓе во Бејрут.
Израел во неделата ги нападна јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, каде што интензивното бомбардирање во последните две недели се совпадна со знаците за напредок во преговорите за примирје на САД.
Хезболах, кој претходно вети дека ќе одговори на нападите врз Бејрут со таргетирање на Тел Авив, соопшти дека истрелал наведувани проектили врз воените постројки во и околу Тел Авив.
Свет
Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд
Будистичкиот манастир во централен Тајланд е под истрага по откривањето на 41 тело за кои се верува дека биле користени за специјална практика на медитација, соопшти полицијата.
Телата се откриени во саботата во манастирот Па Нахон Чаибоворн во централниот дел на земјата, соопшти полицијата, додавајќи дека кај секое тело биле пронајдени документи – потврда за смрт и потврда за донација тело.
Полицијата треба да провери кај семејствата на починатите дали доброволно ги дале телата.
„Сакаме да се увериме дека ниедно тело не е украдено“, соопшти полицијата.
Потрагата беше почната неколку дена откако полицијата во средата откри 12 тела во друг манастир во соседна провинција, објавија локалните медиуми.
Поглаварот на манастирот во провинцијата Фичит, каде што беа пронајдени 41 труп, Ајарн Саифон Фандито, рече дека употребата на труповите е дел од „техниката на медитација“ што тој ја развил.
„Многу од оние кои доаѓаат да учат се верници и сите овие монаси го пренесуваат тоа знаење. Не знам колку од нив ја прифатија мојата техника“, рече тој.
Поглаварот на манастирот рече дека „практичарите медитираат во павилјони во кои има ковчези со човечки останки“.
Полицијата во Фичит соопшти дека работи со властите во другите провинции за да утврдат дали оваа практика е широко распространета.
Овој метод на контемплативна медитација со трупови во различни фази на распаѓање се појавила во Тајланд во 18 век и била широко распространет до 20 век кога почнала да исчезнува.
Свет
Иран започнува нуклеарни преговори со три европски сили
Иран планира да одржи разговори за својата спорна нуклеарна програма со трите европски сили на 29 ноември во Женева, објави јапонската новинска агенција Кјодо, неколку дена откако Агенцијата за атомска контрола на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран одговори на резолуцијата предложена од Велика Британија, Франција, Германија и САД со, како што ги нарекоа владините претставници, различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Кјодо известува дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќор-сокак пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Висок ирански претставник потврди дека средбата ќе се одржи следниот петок, додавајќи дека „Техеран отсекогаш верувал дека нуклеарното прашање треба да се реши по дипломатски пат. Иран никогаш не ги напуштил преговорите“.
Во 2018 година, тогашната администрација на Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест големи сили и повторно воведе строги санкции кон Иран, што го натера Техеран да ги прекрши нуклеарните ограничувања од договорот со потези како што се обнова на залихите збогатен ураниум, негово рафинирање и инсталирање напредни центрифуги за забрзување на производството.
Индиректните разговори меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и Техеран да се обидат да го оживеат договорот не успеаја, но Трамп на кампањата во септември рече: „Мораме да се договориме, бидејќи последиците се невозможни. Мораме да се договориме“.