Македонија
МВР: Безбедноста на пешаците на прво место
Денеска во Охрид, во т.н. продолжен викенд кога има и зголемен број на туристи, со што е зголемен и бројот на моторни возила и пешаци кои учествуваат во сообраќајот, МВР и РСБСП реализираа превентивна акција за зголемување на безбедноста во сообраќајот наменета за сите учесници во сообраќајот, со посебен акцент на пешаците.
Пешаците се рамноправни учесници во сообраќајот и мора да ги почитуваат правилата и прописите. На граѓаните им беше поделен и едукативно-превентивен материјал и низ разговори им се даваа препораки за намалување на ризиците во сообраќајот и зголемување на безбедноста.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, рече дека пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина.
„За жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок. Токму затоа организираме едукативно-превентивни активности кои ќе овозможат осигурување на безбедна средина во која и возачите и пешаците ќе се однесуваат одговорно и ќе бидат безбедни, за што неопходно е постојано да се работи на изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот“, рече Кожуваровска.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Апелирам до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и улицата да ја поминуваат на пешачки премин и само кога е вклучено зеленото светло на семафорот. Возачите пак особено да внимаваат кога се во близина на пешачки премин и секогаш да ги пропуштаат пешаците“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

