Свет
Украинка од Керсон: Добро е кога се слушаат гранатите, тишината е застрашувачка
Жителка на Керсон за Си-ен-ен опиша како изгледа животот во градот додека продолжува масовната евакуација кон источната страна на Днепар.
Украинските сили се подготвуваат да ја вратат контролата врз градот, првиот и единствен голем урбан центар окупиран од руските сили на почетокот на инвазијата. Ситуацијата, како што опиша жената, е напната, луѓето се емотивно исцрпени, а улиците се пусти по 12 часот. Често може да се забележат руски војници како се шетаат во цивилна облека.
Проруската администрација прогласи воена состојба и прво препорача, а сега ги повика граѓаните да се евакуираат бидејќи не можат да ја гарантираат нивната безбедност. Градот, кој некогаш имал речиси 300.000 жители, сега, вели таа, е град на духови. Го напуштаат и членовите на семејството на до неодамна администрацијата на руските соработници.
„За жал, многумина се принудени да си заминат. Секој имаше свои причини. Но, целосно сум убедена дека никој не сакаше да си замине – додава жената чиј идентитет не е објавен од безбедносни причини.
„Навечер гледате солитери каде се осветлени само неколку прозорци. Во текот на денот се среќавате со луѓе најмногу на пазар. Но, веќе попладне се е празно, никој никаде – рече таа и нагласи дека не планира да бега.
„Искрено, вакво прашање ме лути. Ова е мојата земја, Керсон е мојот дом. Учествувавме на првите протести против окупаторите, се боревме колку што можевме. Борбата сè уште трае“.
Атмосферата во градот е тензична. Некои луѓе не излегуваат за да избегнат средба со војници. Невозможно е да се опуштите, раскажува жената.
„Кога ќе слушнам звук на автомобил во близина на куќата во вечерните часови, станувам нервозна бидејќи тоа е обично лош знак“ – вели жената.
Струја сè уште има, но стравот од претстојната зима се вовлекла во луѓето. Никој не знае дали ќе има струја и парно. Според нејзиното мислење, има доволно основна храна.
Но, Русите ги земаа пловните објекти од жителите, па прашање е како ќе функционира испораката на храна од источниот брег на реката. Најголем проблем е со лековите и млечната храна за бебињата. Сè е увезено од Русија. Лекови се продаваат на улица, а има недостиг од антибиотици.
Таа рече дека забележала голем број чеченски борци на улиците. Понекогаш слуша звук на машини во градот, но не знае што е тоа.
Звукот на гранати е сеприсутен. Но таа вели дека го поздравува.
„Нè плаши тишината. Летово беше тивко неколку дена и се чувствувавме како Украина да нè заборавила. Сега постојано слушаме гранатирање на окупациски позиции. Не можете ни да замислите колку е среќно локалното население поради тоа“ – истакнува таа.
Борбите се приближуваат кон градот. Си-ен-ен пишува дека украинската армија во последните неколку дена го гаѓала понтонскиот мост изграден под Антоновскиот мост, кој беше оштетен од украинската артилерија во претходните напади. Локалните власти тврдат дека загинале четири лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина се противи на конфискацијата на замрзнатиот руски имот
Кина е против какви било еднострани дејства што го кршат меѓународното право и не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, коментирајќи ја ситуацијата во врска со конфискацијата на замрзнатите руски средства.
Гуо изјави за „Спутник“ дека сите страни треба да создадат позитивна атмосфера и позитивни услови за решавање на украинската криза, а не обратно.
Тој истакна дека Кина води независна и мирна надворешна политика и дека нејзината позиција во врска со украинскиот конфликт е конзистентна и јасна, односно дека ги поддржува сите напори насочени кон постигнување фер, траен мировен договор што е можно побргу преку дијалог и преговори.
На 12 декември Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на руските средства.
Европската комисија очекува дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра замрзнати руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани во Euroclear во Белгија.
Белгија се спротивставува на конфискацијата и бара од земјите членки на ЕУ гаранции дека земјите ќе го споделат ризикот во случај на последици од таков потег.
ЕУ ѝ понуди на Белгија три гаранции во врска со конфискацијата на руски средства со цел да ја поддржи Украина, но белгиските власти сметаат дека тоа не е доволно за земјата да се одлучи за таков чекор, објави „Политико“, пренесува „Танјуг“.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија поднесе тужба против Euroclear за сума од речиси 193 милијарди евра поради обидот на Европската Унија да заплени замрзнати руски средства.
Фото: депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави „Ројтерс“.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им одобри на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД исто така, како што изјави таа, се на истиот пат.
Во новата стратегија за безбедност на САД, што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува „Танјуг“.
Фото: депозитфотос

