Економија
Влада: Се олеснуваат процедурите за поставување фотонапонски електроцентрали за домаќинствата и компаниите

Граѓаните и деловната заедница ќе може да постават најбрзо и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја. Стапија на сила измените на Законот за градење како дел од низата мерки за поддршка во услови на најголемата светска енергетска криза.
На овој начин се поедноставува процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите.
Клучно е што процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање одобрение/решение за градење од локалната самоуправа.
Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори.
Поточно, граѓаните треба да достават известување за поставување фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат:
– копија од лична карта
– имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, со право на сопственост на инвеститорот
– доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот
– основен проект за фотонапонска електроцентрала до 6 киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.
Со измените се предвидува посебна постапка за поставување фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа.
Владата работи во интерес на граѓаните и на стопанството, за ублажување на последиците од најголемата светска енергетска криза.
Покрај приоритетното обезбедување со електрична енергија и храна, се инвестира во проекти за зголемување на енергетската независност, развој на зелена економија и подобар животен стандард. Од почетокот на кризата, со цел забавување на прелевањето на инфлаторните притисоци, беа преземени мерки во износ од 400 милиони евра, кои потоа беа надополнети со мерки предвидени во ребалансот на буџетот и како трет сет мерки е најновиот пакет од 360 милиони евра поддршка за граѓаните и за стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.
Економија
Гувернерот Славески се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД: истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки

Во рамките на 95-тото генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, Швајцарија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, се сретна со претседателот на Федералните резерви на САД (ФЕД), Џером Пауел.
На средбата беше истакната важноста на зачувувањето на независноста на централните банки како основа за ефикасна монетарна политика, насочена кон ценовната и финансиската стабилност. Се разменија мислења за светските предизвици и за потребата од соработка помеѓу централните банки, соопшти Народната банка.
Гувернерот Славески ја нагласи важноста на постојаната комуникација со водечките монетарни институции и на размената на искуства како значаен придонес за стабилен и отпорен финансиски систем.
Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.