Македонија
Лидерот на Алијансата за Албанците на средба со албанскиот претседател Бегај

Претседателот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, беше примен од претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, средба што беше оценета како плодна и братска потврдувајќи ги пријателските односи меѓу двете земји, со заложба за нивно продлабочување.
Претседателот Таравари беше придружуван од сопартијците Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште, и Артина Ќазими, Абдула Салиу и Сирија Рашиди, пратеници во Собранието на РСМ.
„Честитајќи му за изборот во функцијата, му се заблагодарив на претседателот Бегај за незаменливата улога на Албанија во регионалната соработка вклучувајќи ја и примерната солидарност со соседите на нашиот заеднички пат кон Европската Унија. Му честитав за покажаното лидерство на Република Албанија на меѓународен план, што се докажува и со организирањето на самитот ЕУ – Западен Балкан на 6 декември, историски настан за Тирана и за целиот регион“, изјави Таравари по средбата.
На оваа средба се разговараше и за зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан, при што беше потенциран напредокот постигнат во Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар, а беа разгледани и многу прашања од заеднички интерес, како што се заедничкиот буквар и куќата на азбуката во Битола.
„Побарав од претседателот да се заложи за спас на ова албанско духовно наследство од пропастот што беше најавен пред извесно време. Разговаравме и за реализација на некои други стратешки проекти за нацијата, како што се железничката пруга Кичево – Лин и патот на Арбр“, нагласува Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk за вакцинирање против сезонски грип

Во тек е дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, граѓаните може да се пријавуваат на апликацијата vakcinacija.mk. Министерството годинава набави 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.
Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, по што во текот на неделава граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет во Скопје.
„Потсетуваме дека е во тек пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“, информира Министерството.
Од таму велат дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето.