Спорт
Феникс го декласира шампионот, Дончиќ трагичар во Њу Орлеанс
Четири натпревари се одиграа во НБА лигата. Убедливи победи забележаа Феникс во дербито со Голден стејт, Оклахома над ЛА Клиперс и Вашингтон во дуелот со Детроит. Лука Дончиќ промаши шут за победа против Њу Орлеанс.
Феникс на домашен терен убедливо ги победи Голден стејт Вориорс со 134:105.
Девин Букер беше најефикасен во тимот од Аризона со 34 поени, а Микел Бриџис и Џок Лендејл постигнаа по 17 поени.
Во победничкиот тим дабл-дабл учинок забележа Деандре Ајтон со 16 поени и 14 скока, а 16 поени постигна и Крис Пол.
Стеф Кари со 21 поен, Џордан Пул со 17 и Ендрју Вигинс со 16 поени беа најефикасни кај Вориорс.
Во третата четвртина беше исклучен бекот на Вориорс, Клеј Томпсон, поради две технички грешки. Тоа беше негово прво исклучување во 651 одигран натпревар од регуларната сезона.
Феникс има учинок од три победи и еден пораз, додека Голден Стејт има скор од две победи и два порази.
Њу Орлеанс на домашен терен го победи Далас со 113:111 и покрај тоа што беше без Зион Вилијамсон и Брендон Инграм, двајцата најдобри стрелци во тимот.
На крајот од мечот Лука Дончиќ промаши шут за три поени и победа на гостите.
Треј Марфи постигна 22 поени за Њу Орлеанс, Си Џеј МекКалум забележа дабл-дабл со 14 поени и 11 асистенции. Девонте Греам додаде 14 поени во победата на својот тим.
Дончиќ беше подобар од останатите во тимот од Тексас со 37 поени, 11 скока и седум асистенции, Спенсер Динвиди постигна 24, а Кристијан Вуд 23 поени.
Њу Орлеанс ја доби третата победа во четири натпревари, додека Далас остана на една победа по три натпревари.
Вашингтон на домашен терен го надигра Детроит со 120:99.
Кајл Кузма со 25 поени го предводеше Вашингтон до победата, а Кристапс Порзингис постигна 20 поени.
Во тимот на Детроит, хрватскиот играч Бојан Богдановиќ беше подобар од останатите со 25 поени, додека Кејд Канингем постигна 19 поени.
Тимот од главниот град на САД има учинок од три победи и еден пораз, а Детроит по четири натпревари остана на една победа.
Кошаркарите на Оклахома го победија Лос Анџелес Клиперс со 108:94 и ја забележаа првата победа сезонава во НБА лигата.
Прашањето на победникот домашните го решија со серија од 21:0 во третата четвртина, по што поведоа со 74:48.
За Клиперси поради повреда на коленото не настапи Кави Ленард, поради болест Пол Џорџ, а поради лични причини мечот го пропушти Маркус Морис.
Најдобар учинок во тимот на Оклахома имаше Шеј Гилџес-Александер со 33 поени и осум асистенции, Треј Мен додаде 25 поени, додека Арон Вигинс забележа дабл-дабл со 11 поени и 10 скока.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Тим од шестата дивизија ги елиминираше шампионите на ФА Купот
Шестолигашот Маклсфилд, кој минатата сезона играше во седмиот ранг на англискиот фудбалски систем, го победи актуелниот освојувач на трофејот, Kристал Палас со 2:1 и го приреди најголемото изненадување во историјата на ФА Купот.
Стрелците на головите Пол Досон и Исак Бакли беа хероите на домашниот тим.
Шпанецот Јереми Пино постигна утешен гол за гостите во 90-та минута од слободен удар. Премногу доцна за да се избегне срамот.
Триумфот на Маклсфилд добива дополнително значење кога ќе се земе предвид дека овој клуб банкротираше пред пет години.
Имено, откако Маклсфилд Таун влезе во стечак поради долгови во 2020 година, се реформираше и повторно почна да се натпреварува како ФК Маклсфилд.
Клубот започна од најниското ниво на натпреварувањето, од деветтата лига. Тие сега се во шестата дивизија и штотуку го елиминираа шампионот на ФА Купот, Кристал Палас, во третото коло.
Дефинитивно најголемото изненадување во историјата на ФА Купот.
Спорт
Николов и Начески манипулирале со фитнес тестовите – ЕХФ ги суспендира од ЕП
Голем скандал го потресе ракометниот свет само неколку дена пред почетокот на Европското првенство. Во центарот на скандалот се македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Непосредно пред почетокот на Европското првенство, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги исзбриша Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, од списокот на судии.
Добро познатиот судиски пар, еден од најдобрите во светот, присутен на ракометните терени повеќе од една деценија, нема да дели правда на Европското првенство.
Се покажа дека Николов и Начевски мамеле на тестовите за физичка подготвеност. ЕХФ дозна дека двајцата ги манипулирале тестовите пред почетокот на натпреварувањето за да се најдат на списокот од кој сега се избришани.
Како што е наведено, ЕХФ ќе спроведе детална истрага. Тој факт нема да ја промени одлуката за „отстранување“ на дуото од списокот на судии за Европското првенство.
Николов и Начевски со години судеа на најголемите натпреварувања, имаа можност да судат некои од најважните натпревари – на пример, тие го судеа финалето на Олимписките игри, како и финалето на ЕП во 2020.
Оваа година, Европското првенство се игра во Данска, Шведска и Норвешка, а започнува на 15 јануари.
Фото/ архива, Топспорт
Спорт
(Видео) Судијата во преден план, Камерун оштетен против Мароко
Мароко го победи Камерун со 2:0 во петокот вечерта и се пласираше во полуфиналето на Африканскиот куп на нации. Ден по натпреваротм најмногу се зборува за судијата Беид Дахане, кој сериозно го оштети Камерун. Интересно, тој не требаше да биде првиот судија на овој натпревар.
Головите за Мароко ги постигнаа Брахим Дијаз во 26-та минута и Исмаел Саибари во 74-та минута, но двете одлуки донесени од судијата во текот на овој натпревар, двете при резултат 1:0 за Мароко е она што се анализира во јавноста.
Дијаз е првиот играч кој постигнал гол во пет последователни натпревари на Африканскиот куп на нации од 1974 година, а Мароко е во полуфиналето за прв пат по 22 години. Во 2004 година, Мароко беше поразен во финалето од Тунис.
Но, да се вратиме на судијата…
Првата грешка ја направи во 64-та минута кога Билал Ел Канус беше поштеден од очигледен жолт картон кој за него ќе беше втори, односно исклучувачки.
По пет минути судијата повторно беше во центарот на вниманието, кога не досуди пенал за Камерун по стартот на Адам Масина врз Брајан Мбеумо.
Интересно е што судијата од Мавританија не беше ниту делегиран да го суди овој натпревар. Прв избор на CAF беше Амин Омар од Египет, но Мароко протестираше против оваа одлука и на крајот го доби она што го сакаше – промена на судијата за четвртфиналниот натпревар.
Foto/ EPA/JALAL MORCHIDI

