Економија
Ковачевски: Над 760 милиони евра за антикризни мерки, никој нема сам да се справува со кризата
Никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза, оваа криза ќе ја пребродиме сите заедно затоа што Владата одговорно и навремено интервенира со потребната поддршка за граѓаните и компаниите и продолжуваме будно да ја следиме состојбата. Во оваа насока се и неодамна донесениот нов пакет антикризни мерки во вредност од над 360,2 милиони евра. Со претходниот сет мерки кој се спроведуваше од првите месеци во годината вкупната вредност на таргетирани мерки до сега достигна над 760 милиони евра.
Ова го истакна денеска како одговор на пратеничко прашање на седница во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски.
Toj посочи дека новиот сет мерки е донесен по сериозни и долги консултации со експертите, со претставници на работодавачи, на здруженија на пензионери, со претставници на Стопански комори со цел сите да бидат опфатени.
„Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред се електрична енергија од домашните капацитети. Од друга страна, усвоивме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции. Ние се наоѓаме во тежок период во кој што нема простор за изобилие, туку има простор за солидарност и поддршка на оние кои што се најранливи категории во општеството. Во исто време, се трудиме да изнајдеме начин како она што веќе е поддршка за граѓаните и компаниите, да го продолжиме и понатаму за да обезбедиме сеопфатен пристап“, рече Ковачевски.
Посочи дека со ребалансот на Буџетот кој што беше усвоен во изминатиот период, се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата за да се ублажи ценовниот удар од растечката цена на електрична енергија на светските берзи.
„Продолжуваме и со програмата на енергетска сиромаштија со која што парично и директно помагаме 4.000 семејства во државата на кои што им обезбедуваме намалени сметки за електрична енергија или финансиски средства за друг огревен материјал кој што го користат. Со оваа мерка секое семејство поединечно е потпомогнато со скоро 200 евра во текот на годината“, рече тој.
Продолжува, како што рече и финансирањето на општините заради зголемување на енергетската ефикасност со проектот од Министерството за финансии преку Светска банка во износ од 10,5 милиони што ќе можат да ги искористат за воведување на нови обновливи извори на енергија или да ги искористат за подобра енергетска ефикасност на нивните објекти.
„Компаниите ги ослободивме од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување и ова вкупно се 26 милиони евра кои што остануваат на располагање за оптег во стопанството, продолжува финансирањето на општините за проекти за енергетска ефикасност со 10,5 милиони евра преку Министерството за финансии“, нагласи тој.
Дополнително рече премиерот се одложува воведувањето еколошката такса, која во стопанството ќе сочува 25 милиони евра. Компаниите се ослободуваат од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување и од ова ослободување над 26 милиони евра остануваат во оптег во стопанството.
„Обезбедуваме поддршка со поволни кредити за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на компаниите, во вредност од 100 милиони евра преку Развојна Банка на Република Северна Македонија по принципот 1+2 продолжува. Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80%, 611.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи и има пет пати помала сметка за струја од она што би ја платиле без субвенцијата на државата“, рече Ковачевски.
„Со ребалансот продолжуваме на мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за што со ребалансот издвоивме дополнителни средства за да може сметките на граѓаните да останат на исто ниво до крајот на годината, односно 80% субвенционирани и на малите потрошувачи. За да може сето ова да се случи, одвоени за целата година ќе се вкупно над 222 милиони евра“, појасни Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

