Свет
Пронајдено тело во близина на тркалото на авион кој од Иран слетал во Франкфурт
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/e2a08e30-1233-44e1-85aa-5ab6460638fb.jpg)
Во близина на тркалото на авионот кој летал од Техеран кон аеродромот во Франкфурт е пронајдено тело, соопшти германската полиција.
Германскиот весник „Билд“ објави дека авионот Ербас, кој ѝ припаѓа на германската компанија „Луфтханза“, полетал од Техеран во четвртокот рано наутро.
Полицијата соопшти дека телото било пронајдено кога се вршеле работи за одржување, пишува „Дојче веле“. Германската локална телевизија Хесеншау објави дека работата траела четири часа пред да биде пронајдено телото.
Полицијата не го потврди потеклото на телото, ниту, пак, соопштува детали за идентитетот на лицето. Германската новинска агенција ДПА објави дека откажаниот лет од Техеран бил закажан за утрово.
Во Германија живее големо население Иранци, од кои илјадници излегоа на улиците на Берлин во саботата во знак на солидарност со антивладините протести во Иран. Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ги објави плановите за воведување ограничувања за влез на иранските граѓани како казнена мерка против Техеран, пренесе Индекс.хр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Свет
(Видео) Хорор во Америка, регистрирани неколку напади на ајкули
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-05-145108.jpg)
Три лица се повредени во напади на ајкула во Тексас и Флорида, соопштија денеска официјални лица.
Ајкула каснала за стапало млад човек недалеку од плажата на Флорида и тој бил пренесен во болница, јави Си-ен-ен.
Во Тексас група од четири лица наишле на ајкула додека пливале во океанот веднаш до брегот на островот Јужен Падре.
Ајкулата каснала двајца од нив, а уште едно лице од групата било повредено додека се обидувало да им помогне. Двете лица, кои биле каснати од ајкула, биле пренесени во болница во Браунсвил.
„Појавата на ајкули не е вообичаена во Тексас“, велат локалните власти.
Според податоците на Меѓународната организација за следење напади на ајкули, Тексас имал само 10 напади на ајкули од 2012 година. Најмногу имало на Флорида, дури 259, потоа на Хаваи – 76, Јужна Каролина – 45, а 31 напад на ајкула е забележан во Северна Каролина и 29 во Калифорнија.
Европа
Столтенберг: НАТО беше однапред информиран за одењето на Орбан во Москва
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/stoltenberg.jpg)
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека алијансата била однапред информирана за заминувањето на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во Москва на разговори со рускиот претседател, Владимир Путин.
Столтенберг на самитот на НАТО истакна дека Орбан патува во својство на премиер на Унгарија и дека нема да го претставува НАТО, чиј член е Унгарија, во Москва, пренесува „Ројтерс“. Орбан рано денеска пристигна во Москва и по пристигнувањето рече дека со оваа посета ја продолжува мировната мисија откако неодамна го посети Киев, каде што разговараше со украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Столтенберг рече и дека НАТО работи на подготовка на Украина за приклучување кон алијансата.
„Сè што правиме, правиме за да ја направиме Украина посилна и поподготвена да се приклучи на нашиот сојуз“, рече тој додавајќи дека очекува земјите членки да обезбедат повеќе воздушна одбрана и муниција на Украина.
Столтенберг додаде дека Украина треба да одлучи, кои се прифатливите услови за мировни преговори. Од друга страна, според него, нема индиции дека Путин е подготвен за мир.
Европа
Кир Стармер официјално назначен за нов премиер на Обединетото Кралство
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-05-141137.jpg)
Британскиот крал Чарлс денеска му го довери мандатот за формирање на новата влада на Велика Британија на лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер, по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори.
Назначувањето на Стармер за премиер беше потврдено од Бакингемската палата.
„Кралот го прими уважениот Кир Стармер и побара од него да формира нова влада. Стармер ја прифати понудата“, соопшти Бакингемската палата, пренесува „Гардијан“.
По Бакингемската палата, Стармер се упати кон Даунинг стрит, каде што се наоѓа седиштето на британската влада. На општите избори во ОК, Лабуристичката партија освои 410 од 650 места во долниот дом, со што стави крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците.
Претходно денеска, сега веќе поранешниот премиер Риши Сунак му поднесе оставка на кралот Чарлс.