Македонија
Средба на министерот Оливер Спасовски со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич, на која присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство, Н.Е. Метју Лосон.
На средбата од страна на министерот Спасовски беше изразена посебна благодарност до Обединетото Кралство за континуираната активна поддршка во справување со предизвиците и остварување на стратешките цели на Република Северна Македонија што резултираше со членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Посебно, според Спасовски, максималната посветеност во градењето партнерство резултираше со успешни реформски процеси на МВР и воопшто, на безбедносните служби, како и во делот на јакнење на капацитети на Министерството.
Специјалниот претставник за Западен Балкан, Пич, упатувајќи честитки за потпишаниот договор со Фронтекс, кој е важен и за безбедноста во Европа, а особено имајќи го предвид фактот што беше потпишан на македонски јазик, ја потврди посветеноста во градењето на партнерски односи помеѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија со желби и надежи за нивно зацврстување, особено имајќи ги предвид актуелните глобални предизвици, како руската агресија на Украина, енергетската криза, граничната, хибридните напади и кибербезбедноста и сл., каде секој има потреба од сојузници.
Двајцата соговорници се согласија дека миграцијата е проблем и безбедносен предизвик, а бидејќи криминалот наоѓа нови патишта и форми, соработката во решавање на глобалните безбедносни предизвици е неопходна.
Поаѓајќи од фактот што двете држави делат слични предизвици, беше посочено дека главните цели кон кои се насочени напорите се зачувување на безбедноста на границите и граѓаните, но и хуманиот пристап кон бегалците. Притоа, министерот Спасовски го информираше специјалниот претставник на Обединетото Кралство околу историјатот на договорот со Фронтекс, но и за 70 отсто зголемената функција на полицијата во делот на обидите за нелегално минување на границата од страна на мигрантите, кои најчесто ја користат јужната граница.
За време на средбата беше изразено задоволство од досегашната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, со заедничка увереност за нејзино проширување и зајакнување, како веќе докажани пријатели и партнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали Коцевски тактизираше со оставката за да купи време и да се заташкаат над 40 предмети за висока корупција за функционери од СДС и ДУИ“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Љупчо Коцевски тактизираше дури и со сопствената оставка и одлучи да ги пресретне непријатните дискусии и вистината за неговото работење како јавен обвинител. Со оставката Коцевски ги призна проблемите во обвинителството кое беше компромитирано и под негово водство беше институција со изгубен легитимитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски го водеше обвинителството речиси две години и не направи ниту една реформа. Напротив обвинителството во време на Коцевски делуваше во заштита на криминалите на СДС и ДУИ и нивните функционери.
Тактизирањето на Коцевски и задоцнетата оставка е показател за длабоките проблеми, корупцијата и обидот да се зачува статус квото на обвинителството.
Коцевски е првиот на кого парламентот му изгласа недоверба, но тој не пропушти да тактизира за да извлече барем ден плус во заштита на функционерите на СДС и ДУИ.
Со оставката на Коцевски се става крај на темниот период во обвинителството како партиски механизам за заштита на СДС и ДУИ. Оставката на Коцевски не е персонално туку системско решение и е јасна порака дека никој не е недопирлив.
Дали тактизирањето со оставката на Коцевски се купуваше време за неговите наредбодавци?
Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за висока корупција на функционери од СДС и ДУИ?
Оставката на Коцевски е победа за правната држава, крај на партизацијата и почетокот на европеизацијата.
Ова не е крај туку почеток на неселективна и навремена правда.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за независно, професионално и департизирано обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на реформи во правосудството за навремена и неселективна правда каде ќе се почитуваат законите и владеење на правото.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на градење на институциите и враќање на довербата на граѓаните во правосудството“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Темата мигранти е измислена од СДС за дневна политика, затоа и побегнаа од Собрание кога требаше да се дискутира за Резолуцијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Вистина излегува на виделина и СДС веќе не може да го скрие лицемерието, нивните лаги и манипулации. Наводната загриженост за мигрантите се виде дека им е тема за дневна политика, за ширење страв и паника кај населението“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се потврди и вчера во македонското Собрание, кога пратениците од СДС ја напуштија седницата кога требаше да се дискутира за Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Откако од СДС неколку недели устата не затворија за наводните мигранти, ширејќи паника дека само што не дошле во државата, за што сакаа да поднесат и резолуција во Парламентот, кога дојде ред народните избраници да дебатираат за непостоечката и од нив креирана лажна тема мигранти, пратениците на Филипче, како нечестивиот од темјан, заминаа од Собранието.
Тоа покажува само едно. Дека СДС едно зборува, а друго прави и кога доаѓа ред суштински да се дискутира и да се преземе одговорност, СДС го прави тоа што најдобро го знае. Бега далеку од очите на јавноста и вештачки одржува лажни и непостоечки теми, за да ги спаси политичките кариери на неколкумината останати во партија, како Филипче и Зоран Заев во позадина.
Настрана бегањето на СДС, Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови.
Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче.
Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Мицкоски и министрите побегнаа од пратеничките прашања“, велат од СДСМ
„Граѓаните во живо го видоа предавството на Македонија во Собранието. Премиерот Мицкоски и министрите побегнаа од пратеничките прашања, побегнаа од вистината, побегнаа од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која се затвора прашањето за мигранти во Македонија“, велат од СДСМ.
„Премиерот Мицкоски еден ден порано отиде за Брисел? Зошто, за да побегне од пратеничките прашања. Откако избега премиерот, побегнаа и неговите министри.
Затоа, во знак на протест, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. ДПМНЕ свесно побегна од дискусија во највисокиот законодавен дом, меѓу избраните претставници на народот – пратениците, на кои граѓаните им дале мандат да одлучуваат за најважните национални прашања.
Резолуцијата на СДСМ не беше поднесена, ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, секако ниту гласање.
СДСМ нема да учествува во најголемото национално предавство – мигранти за пари.
Нека си ја потпишат таа предавничка политика сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ и нека си ја гласаат во Собранието.
Знаат што ги чека откако ќе потпишат, затоа што потпишувата предавство на Македонија.
Сега веќе на сите им е јасно, планот е избори а потоа мигранти во Македонија, за пари.
СДСМ заедно со граѓаните ќе ги искористи сите демократски механизми и ќе се спротистави на ова ова национално и државно предавство.
Ова нема да им помине. Борбата за Македонија продолжува!“, соопшти СДСМ.

