Регион
Возач на камион од БиХ загина во САД по расправија на семафор
45-годишниот Босанец Џемал Чардаковиќ е убиен вчера во Соединетите Американски Држави, во Њу Хемпшир, во близина на трговски центар, јавуваат локалните американски медиуми, а пренесува Кликс.ба.
Според официјалните информации, Чардаковиќ бил убиен од 22-годишниот Тајрис Харис, кој по пукањето бил уапсен и обвинет за две убиства со огнено оружје.
„Харис го убил Чардаковиќ пукајќи во него, а околностите покажуваат крајна рамнодушност кон вредноста на човечкиот живот“, соопшти полицијата.
Како што истакнуваат медиумите, до пукањето дошло во моментот кога Харис, управувајќи џип, застанал на семафорите пред Чардаковиќ, кој управувал камион.
Возачот на камионот излегол од возилото за да разговара со Харис, кој потоа го застрелал.
Во кабината на камионот имало две деца
Пред расправијата на семафорот, а и по убиството, Харис наводно го попречувал сообраќајот и другите учесници во него возејќи несовесно одредено време.
Очевидци кои биле на местото на настанот велат дека во кабината со Чардаковиќ имало две деца.
Убиениот Чардаковиќ живеел во Америка повеќе од две децении, бил оженет и татко на три деца, пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Маж влегол во училиште во Белград и се заканувал дека ќе ги убие вработените
Маж кој се претставил како родител на ученик, попладнето влегол во холот на основно училиште во Видиковац, заканувајќи им се на вработените дека ќе ги убие, по што дошла полициска патрола и го однела, пренесуваат медиумите во соседството.
Родителите на учениците од тоа училиште добиле порака на заедничката вибер група од директорката на училиштето.
„Денеска околу 15 часот во училишниот хол влезе маж кој се претстави како родител на наш ученик, но не кажа кој, и се закани дека сите ќе не убие. Училишната полицајка набрзина интервенирала, по што дошла полициска патрола и го однела“, наведува директорката во известувањето до родителите кое било препратено до Н1.
По таа ситуација, таа информира дека утре главниот влез во училиштето ќе биде заклучен и отклучен доколку има потреба.
Според Н1, мажот е приведен во полициската станица, а истрагата е во тек.
Инаку за утре во 18 часот е најавен собир за поддршка на наставниците од училиштето кои ја прекинаа работата, јавува „Данас“.
Регион
Вучиќ: Веднаш да му подигнеме споменик на Трамп ако ја сопре војната во Украина
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Светскиот економски форум во Давос го даде своето мислење за решавање на украинскиот конфликт што го најави новиот американски претседател Доналд Трамп.
„Чекаме да видиме што ќе направи Трамп, утре да зборуваме тука од Давос. Шолц и Макрон се состануваат денеска, ги подготвуваат своите одговори, има многу проблеми и многу непознати во равенката. Доколку Трамп постигне прекин на огнот во Украина, сите треба му подигнеме споменик, ќе ја спаси цела планета. Господ нека ни е на помош“, рече српскиот претседател од Давос.
Вучиќ во Давос изјави и дека Србија е на европскиот пат, но дека треба во голема мера да се сврти и кон Азија, бидејќи од таму најмногу ќе се инвестира во наредниот период.
„Ние сме на европскиот пат и важно е нашата земја да ги забрза реформите, владеењето на правото и други работи, но сите бараат излез од економската ситуација што е можно повеќе во Азија и Африка, особено во Азија, па и ние мора да се свртиме на таа страна“, нагласи Вучиќ.
Регион
Продолжуваат потресите во Грција по силниот земјотрес на Лезбос
Продолжуваат афтершоковите по силниот земјотрес на островот Лезбос со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала.
Според властите на островот, нема повредени. Многу жители ноќта ја минаа надвор, во автомобили и шатори, поради честите последователни потреси. Има срушени ѕидови на згради и паднати карпи на патиштата, кои се затворени. Поради безбедност на пожарникарите, властите забранија спасувачка акција во ноќните часови.
Од рано утрово технички екипи ја проверуваат состојбата на јавните објекти. Училиштата ќе останат затворени додека не се потврди дека се безбедни. Според податоците на опсерваторијата во Атина, земјотресот бил на 5 километри длабоко во морето, веднаш до островот.
Според сеизмолозите, епицентарот е познат и пред четири години е регистриран силен земјотрес.
Жителите на островот се предупредуваат да бидат крајно внимателни и да не стојат во близина на предмети што може да паднат.